Во моменти кога европските ракометни сили ги пуштаат своите пипци кон „Јане Сандански“, управата на Вардар повлече потег кој одекна како гром во ракометна Европа. Еден од најдобрите играчи на „црвено-црните“, левиот бек Дмитро Горига, ја официјализираше својата верност кон клубот и ќе го носи дресот на двократниот европски шампион најмалку уште една сезона!
Ова не е само обично продолжување на договор, туку вистинска победа на Вардар на трансфер пазарот. За услугите на украинскиот „бомбардер“ постоеше сериозен интерес и „дебели“ понуди од гиганти како Фуксе Берлин и Веспрем, но Горига реши да ги одбие милионите за да остане дел од новиот проект на македонскиот бренд.

Вардар повторно станува европски фактор
Пресудно за одлуката на Горига биле амбициите на клубот. Вардар сезонава веќе „гази“ во Лига Европа и е на чекор до пласман во ТОП 8, додека во домашното првенство е лидер и гази сигурно кон враќање на титулата по тригодишна пауза.
Дмитро Горига, кој со својот разорен удар од далечина стана страв и трепет за голманите, верува во планот на управата за создавање моќен тим кој повторно ќе биде значаен фактор во европските купови. Со задржувањето на Украинецот, Вардар го зачува „костурот“ на екипата, а најавите се дека над 80% од тимот за следната сезона е веќе комплетиран.
Порака до ривалите: Вардар само ќе расте!
Овој потег е јасен сигнал до сите конкуренти во Македонија и Европа – Вардар не само што не планира да ги продава своите најдобри играчи, туку гради тврдина која ќе биде тешко освоива. Горига веќе стана миленик на „Комитите“ и еден од столбовите на овој нов, моќен Вардар кој полека се враќа таму каде што му е местото – на врвот!



