Новиот менаџер на Челси, Лијам Росениор, испрати јасна порака до јавноста и навивачите на својата прва официјална прес-конференција: тој не дошол во Лондон за да биде само „послушник“ на управата. По неговото назначување како замена за Енцо Мареска, многумина шпекулираа дека неговата претходна соработка со сопствениците во Стразбур е главната причина за ангажманот, но 41-годишниот стратег ги отфрли таквите тврдења.
„Не мислам дека е можно да ја работите оваа работа, а да не бидете свој човек. Луѓето веднаш ќе ве прочитаат. Јас ќе ги носам одлуките во овој клуб, затоа сум донесен тука“, дециден е Росениор.

„Не сум арогантен, но добар сум во мојата работа“
Росениор е свесен за сомнежите кои кружат околу неговото име, но неговата верба во сопствените квалитети е непоколеблива. Тој потсети на неговиот период во Франција, каде што успеа да го однесе Стразбур на само три бода до пласман во Лигата на шампионите, и покрај тоа што првично беше отпишан како аутсајдер.
„Кога отидов во Стразбур, ме гледаа како шега. Велеа дека мојот тим ќе заврши последен и дека сум ‘никој’ од Англија. Надворешниот шум е само шум. Не сум арогантен, но знам дека сум добар во тоа што го работам и верувам дека можеме да бидеме успешни овде“, порача новиот шеф на „сините“.
Како да се придобијат фановите на Челси?
Навивачите на Челси во последно време често го изразуваат своето незадоволство кон сопственичката структура „BlueCo“, но Росениор смета дека постои само еден начин да се смени атмосферата – резултатите на теренот.
„За да ги придобијам навивачите, треба да победувам на натпревари. Тие треба да видат тим кој ги претставува нив. Мојата работа е да го доведам Челси до место каде клубовите ќе се плашат да дојдат на ‘Стемфорд Бриџ’“, заклучи Росениор пред неговото деби во ФА купот против Чарлтон.



