Додека Барселона го слави својот 16-ти трофеј во Суперкупот, во центарот на вниманието е човекот кој уште еднаш го реши „Ел Класико“. Рафиња со два гола во Џеда потврди дека моментално е еден од најдобрите фудбалери во светот, но неговиот пат до овој врв не беше нималку лесен.
„Бев со една нога надвор од клубот“
По завршувањето на финалето, Рафиња даде искрена изјава која ги шокираше навивачите. Бразилецот откри дека неговата кариера во Барса била пред крај пред само 18 месеци.
„Ханси Флик промени сè. Кога тој беше именуван, јас веќе бев со една нога надвор од клубот. Но, тој ме повика, разговараше со мене и ми кажа дека ќе бидам важен дел од тимот. Тоа е она што му треба на секој играч, некој кој ја вреднува твојата работа. Ми ја даде потребната самодоверба за да се фокусирам на тоа да го дадам најдоброто“, изјави Рафиња.
„Неверојатен менталитет“ – Флик за својот миленик
Германскиот стратег не штедеше зборови за да го опише својот напаѓач. Рафиња стана вистински „џелат“ на Реал Мадрид, а на последните шест дерби натпревари има постигнато седум гола и три асистенции.
„Неговиот менталитет е неверојатен. Таа динамика влијае на целиот тим. Видовте, ја промаши првата шанса, но веднаш беше таму за втората, го постигна првиот гол и му даде самодоверба на тимот. Рафа носи интензитет кој ни е неопходен“, истакна Флик.
Магичната серија на Барса
Враќањето на Рафиња по повредата кон крајот на ноември се совпадна со најдобрата серија на Барселона оваа сезона. Со победата во Суперкупот, каталонците врзаа 10 победи по ред во сите натпреварувања.
Под водство на Флик, Барса ги освои последните четири достапни трофеи во шпанскиот фудбал (Ла Лига, Копа дел Реј и два Суперкупа), сите три финалиња ги доби директно против Реал Мадрид.

Гладот за трофеи не престанува
И покрај доминацијата, Рафиња нагласува дека ова е само почеток. Со Ла Лига, Лигата на шампионите и Копа дел Реј сè уште во игра, Барселона сонува за „триплета“. Тим кој пред година и пол изгледаше изгубено, сега под диригентската палка на Флик и со „рехабилитираниот“ Рафиња, повторно владее со Шпанија.



