Анализа на Горан Талевски
Македонската ракометна репрезентација го претрпе очекуваниот пораз од светскиот првак Данска (36-24) на отворањето на Европското ракометно првенство. Иако бодовите против ракометниот гигант не беа императив, она што загрижуваше на натпреварот беше техничката немоќ во нападот и леснотијата со која противникот ги казнуваше нашите грешки.
Уште од самиот старт во Хернинг стана јасно дека ова ќе биде долга и тешка вечер за избраниците на Кирил Лазаров, кој на почетокот изгледаше дека најверојатно тактички реши да ги одмори искусните Никола Митревски, Жако Пешевски, но потоа тој самиот кажа дека сепак се работело за некоја ситна повреда. Данска, која, постави висока и агресивна одбрана која се покажа како непремостлива препрека за македонскиот напад, но и за било кој друг противник.
Експресна казна за секоја грешка
Почетокот беше болен. По раното исклучување на Самуил Ристевски во втората минута, нашата игра беше мачна и без реализација. Данците, пак, играа како сенки – брзи и немилосрдни. Клучниот момент за првото поголемо одлепување се случи меѓу 7-та и 8-та минута кога двете брзи технички грешки на Велковски беа експресно казнети. На Данска ѝ беа потребни не повеќе од 5 секунди по наша грешка за да ја затресе нашата мрежа.
Во 9-та минута, Данците веќе ни направија серија од 5-0. Со само 4 постигнати гола за 10 минути, Македонија делуваше без идеја, потпирајќи се исклучиво на индивидуални продори на Митев, Ѓоргиев и Кузмановски, кои најчесто завршуваа без реализација.
Блесок надеж, па брзо приземјување
Средината на првото полувреме донесе привид на рамнотежа. Се обидувавме да го задржиме чекорот, а најубавиот момент на натпреварот се случи во 20-та минута по одличен цепелин во режија на Ѓоргиев и егзекуција на Мартин Серафимов.
Томовски на голот успеа да врзе неколку одбрани, и во 22-та минута имавме напад за „минус два” (13:10). Но, старата болка се врати – грешка на Ѓоргиев во нападот и експресна контра на Данците за враќање на комотната предност. На полувреме се замина со 17:12, резултат кој беше дури и поволен со оглед на тоа што нашата одбрана ретко издржуваше повеќе од 40 секунди без да прими гол.
Фуриозен старт на вториот дел и „тренинг” на Данска
Ако некој имаше било какви дилеми, тие беа решени во првите 5 минути од второто полувреме. Данците започнаа фуриозно, постигнувајќи гол по само 7 секунди игра, а набрзо предноста порасна на +8 (22:14).
Македонија во нападот делуваше немоќно. Играта се сведуваше на долги акции до пасивен напад, без јасна идеја, каде бековите се обидуваа преку игра „еден на еден” да пробијат ѕид. Честопати се случуваше играчите да се „загубат” во нападот и да мораме да шутираме од неизградени позиции. Наспроти ова, Данците играа со таква леснотија што во одредени моменти, „вежбајќи” напад „7 на 6″, натпреварот наликуваше на полесен тренинг за нив.
Во 44-та веќе разликата беше двоцифрени -10.

Загрижувачка статистика пред Романија и Португалија
Конечните 36-24 се реален одраз на силите, но она што најмногу треба да го загрижи селекторот Лазаров е можеби најмногу нападот. Отсуството на проток на топката во нападот. Статистиката открива сериозен системски проблем – нашите крила останаа без ниту еден упатен шут од крилните позиции. Топката едноставно не стигнуваше до аглите. Бековите се губеа во индивидуалните продори и форсирање низ средината, целосно изолирајќи ги крилните играчи кои беа само статисти во позициониот напад. Ретките голови на Атанасијевиќ и Џонов дојдоа исклучиво од полуконтри, а не од изградени напади.
Борбеноста кај ракометарите не изостана – тие влегуваа во дуелите со 100% сила, жар и желба, но техничката инфериорност и безидејноста во офанзивата беа премногу очигледни. Со ваква игра, каде што освен атрактивниот цепелин и едвај уште една-две смислени акции, сè друго се сведуваше на индивидуални продори на бековите, дуелите против Романија и Португалија ќе бидат пеколно тешки за нас. Данска е, навистина, од друга планета, но нашата надворешна линија мора драстично да ја промени филозофијата и конечно да ја рашири играта доколку сакаме да бараме шанса во продолжението на првенството.
Статистички учинок
Голмани:
Мартин Томовски: 4 одбрани (сите во прво полувреме)
Марко Галевски: 1 одбрана (второ полувреме)
Стрелци и реализација:
Мартин Серафимов: 6/8 (најдобар поединец)
Марко Митев: 4/10
Филип Кузмановски: 4/10
Мартин Велковски: 3/4 (но и 4 грешки)
Иван Џонов: 2/3
Павле Атанасијевиќ: 2/3
Игор Ѓоргиев: 1/1
Томислав Стојковиќ: 1/2
Петар Атанасијевиќ: 1/1
Михаил Аларов: 0/1
Поглед кон напред: Поразот од Олимпискиот и Светскиот шампионот е само лекција
На крајот, на македонските ракометари не треба ништо да им се замери. Овој натпревар и овој резултат не смее да биде мерило за нивната вредност, ниту пак момците треба да се оптоваруваат со она што (не) се случи против моќната Данска. Сите сме свесни против кого игравме – се соочивме со репрезентација која е од друга планета и која со право атакува на европското злато. Проблемите со кои се соочивме вечерва против Данците, ќе ги имаат и многу поквалитетни репрезентации од нашата.
Овој дуел не е загубен доколку правилно се извлечат поуките. Најважно е она што не успеавме да го одиграме против Данска, да го покажеме кога ќе биде најпотребно – против Португалија и Романија. Охрабрува фактот што, ако ги споредиме контролните натпревари со овој прв настап на ова првенство, бројот на технички грешки не е баш лош. Да се направат само 8 грешки против агресивна одбрана како данската (која и самата направи 7) е сериозен напредок кој влева надеж.
Македонија ништо не изгуби вечерва; само доби јасна слика на кои сегменти мора да се работи. Со истата желба и борбеност, но со многу помудра игра во нападот, одиме понатаму. Македонија го продолжува своето патување на Европското првенство веќе во недела, кога во 18:00 часот се соочуваме со селекцијата на Португалија каде што по тој натпревар веќе ќе знаеме дали ќе гледаме кон наредната фаза од првенството или ќе ги пакуваме куферите по натпреварот со Романија.



