(Видео) Нвабали е херојот на Нигерија: Одбрани пенали на Салах и Мармуш за бронза на АФКОН!

 

Објавено:

Фудбалската репрезентација на Нигерија го освои третото место на Африканскиот куп на нации 2025 во Мароко, откако по подобро изведување на пенали ја совлада селекцијата на Египет со 4-2. Регуларниот дел од натпреварот на стадионот „Мохамед V“ во Казабланка заврши без голови (0-0).

Херој на „Супер Орлите“ беше голманот Стенли Нвабали, кој во пенал-рулетот ги одбрани ударите на двете најголеми ѕвезди на Египет – Мохамед Салах и Омар Мармуш.

Драма во пенал-рулетот

Нигерија лошо ја започна серијата откако Фисајо Деле-Баширу промаши, но Нвабали веднаш ја врати предноста со спектакуларна одбрана на ударот на капитенот на Египет, Мохамед Салах. Во следната серија, нигерискиот чувар на мрежата го запре и ударот на Омар Мармуш, со што го трасираше патот до победата.

За Нигерија прецизни беа Акор Адамс, Мозес Сајмон, Алекс Ивоби и Адемола Лукман, кој го реализираше последниот пенал за потврда на бронзениот медал.

90 минути тактичка борба без голови

Во регуларниот дел, натпреварот беше израмнет и со малку чисти шанси. Египет се закани преку Салах и Трезеге, но Нвабали беше сигурен.

Нигерија постигна гол во 35-тата минута преку Акор Адамс, но истиот беше поништен по прегледување на ВАР снимката поради прекршок на Пол Онуачу во изградбата на акцијата. Исто така, на стартот на второто полувреме, поништен беше и погодок на Лукман поради офсајд.

Со оваа победа, Нигерија ја продолжи својата традиција на освојување медали на континенталните собири, додека Египет турнирот го завршува на четвртата позиција.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено