Кога е најтешко, најдобрите стануваат легенди. Филип Кузмановски вечерва во Хернинг не одигра само натпревар, тој испиша историја и одигра нереален меч на паркетот. Со нестварни 15 погодоци (од 18 обиди), нашиот капитен го израмни рекордот на својот сегашен селектор Кирил Лазаров за најмногу постигнати голови на еден натпревар за репрезентацијата (рекорд поставен во 2009 година).
Кузмановски беше вистинско „торнадо“ на теренот, решавајќи ги португалските голмани од сите позиции. Кога тимот немаше идеја, топката одеше кај Филип, а тој одговараше со „крв во очите“.
Кузмановски: „Игравме со срце, душа и глава!“
По натпреварот, емотивниот капитен скромно ја прокоментира својата партија за историја, фокусирајќи се на тимскиот дух кој нè врати во игра.
„Некако тешко е да се говори, но по Данска верувавме во себе. Среќен сум и горд на целата екипа што 60 минути се бореше за Македонија. Денес денот беше посебен, сите сакаа успех, сите имаа крв во очите. Игравме со срце, душа и глава за Македонија! Сега е тешко да се прават математики, но наше е со Романија да одиграме исто вака машки и се надевам на победа“, изјави Кузмановски.
Сега пред Македонија е последната пречка – Романија. Ако Филип и момците го повторат овој пристап, втората фаза не е само сон, туку реалност која ја заслужуваме. Капитену, ти благодариме за оваа вечер!



