Фудбалерите на Манчестер Сити, предводени од „четворката“ капитени, решија на свој трошок да ги покријат трошоците за влезници за сите навивачи кои вчера отпатуваа во Норвешка за да го бодрат тимот при поразот од Бодо/Глимт (3:1).
Солидарност по тешката ноќ во Норвешка
Бернардо Силва, Рубен Дијаш, Ерлинг Халанд и Родри со заедничка изјава потврдија дека ќе ги рефундираат парите на сите 374 навивачи кои беа присутни на стадионот. Станува збор за сума од околу 10.000 фунти која играчите ја собраа меѓу себе како знак на благодарност за поддршката во екстремно студените услови.
„Нашите навивачи ни значат сè. Го знаеме жртвувањето што го прават кога патуваат низ светот за да нè поддржат и тоа никогаш нема да го земеме здраво за готово. Тие се најдобрите на светот. Препознаваме дека ова беше напорно патување на замрзнувачки студ во една тешка вечер за нас на теренот. Покривањето на трошоците е најмалку што можеме да направиме“, се вели во соопштението на капитените.
Халанд: Мораме да ја свртиме ситуацијата заедно
Најголемата ѕвезда на тимот, Ерлинг Халанд, дополнително се огласи на социјалните мрежи со порака до навивачите: „Не можевме да ја оставиме вашата поддршка без одговор, сега мораме да ја свртиме оваа ситуација заедно.“
По дебаклот во Лигата на шампионите, „граѓаните“ сега се фокусираат на домашниот шампионат каде во сабота се среќаваат со Вулвс, пред големиот натпревар против Галатасарај на „Етихад“ следната среда. Овој потег на играчите е редок пример во модерниот фудбал каде ѕвездите на теренот директно се поврзуваат со фановите, признавајќи го сопствениот потфрлај.



