Коко Гоф обезбеди пласман во осминафиналето на Австралија Опен по тешката победа над својата сонародничка и пријателка Хејли Баптист (3-6, 6-0, 6-3). Сепак, главна тема по мечот не беше нејзиниот пресврт, туку моментот на чиста класа кога Американката реши јавно да го одбрани достоинството на својата противничка.
„Бидете полни со почит, сите го даваме максимумот“
За време на мечот се случи инцидент кој не ѝ помина незабележано на Гоф. Кога еден навивач извика: „Верувам во тебе, Хејли!“, друг поединец од трибините безобразно дофрли: „Никој друг не верува“. Гоф, која е позната по својата зрелост и покрај тоа што има само 21 година, реши да не премолчи во интервјуто на теренот.
„Морам да кажам уште нешто. Хејли е голем борец, па затоа на момчето кое го упати тој коментар сакам да му порачам: сите го даваме својот максимум овде и многу луѓе веруваат во неа. Можам да разберам дека навивате за мене, но ајде да бидеме полни со почит“, порача Гоф, предизвикувајќи громогласен аплауз од целата арена.
Пресврт за четврто осминафинале по ред
Што се однесува до самиот натпревар, Гоф имаше многу лош старт и го загуби првиот сет поради агресивната игра на Баптист. Сепак, третата светска тенисерка успеа да го подигне нивото, да остане мирна и експресно да го сврти резултатот во своја корист.
Со оваа победа, Коко Гоф се пласираше во втората недела на Австралија Опен четврта година по ред, потврдувајќи ја својата неверојатна константност на Грен слем турнирите (пласман во втора недела на 9 од последните 10 настапи).
Comeback complete 🔄
— #AusOpen (@AustralianOpen) January 23, 2026
Gauff gets the win against good friend Baptiste in three entertaining sets.@wwos • @espn • @tntsports • @wowowtennis • #AO26 pic.twitter.com/ava46hwomb
Следен предизвик: Каролина Мухова
Во борбата за четвртфиналето, Гоф ќе се соочи со чешката тенисерка Каролина Мухова, која игра во одлична форма на почетокот на 2026 година. Иако Гоф ги доби сите четири досегашни меѓусебни дуели без загубен сет, Мухова со доминантната победа над Линет (6-1, 6-1) покажа дека е подготвена за голема борба.



