Само неколку дена откако Рафиња му купуваше торта во авионот за неговиот 18-ти роденден по триумфот во Суперкупот, младиот Педро Фернандез, познат како Дро, ги шокираше сите во Барселона. Најголемиот талент од новата генерација на „Ла Масија“ побарал итен состанок со Ханси Флик на кој му соопштил дека не планира да ја продолжи својата иднина на „Камп Ноу“.
Happy Birthday, Dro! 🎂 pic.twitter.com/LdU9wjgwP0
— FC Barcelona (@FCBarcelona) January 12, 2026
Ханси Флик е разочаран: Тој беше неговиот „проект“
Извори од клубот за „The Athletic“ откриваат дека германскиот стратег е исклучително разочаран. Флик вложи огромен труд и време во развојот на Дро, го зеде под своја заштита уште додека играше за тимот до 18 години и му даде шанса да дебитира за првиот тим (веќе има 5 настапи и 148 минути).
„Не сакам многу да зборувам. Сè уште не е потврдено, но вложив многу труд за овие играчи да станат подобри, им дадов самодоверба… но тој веќе има 18 години, доволно е возрасен да носи одлуки, а околу него има луѓе кои го советуваат“, изјави Флик.

Конкуренцијата е пресилна, а вратата е затворена
Зошто Дро сака да си оди? Одговорот лежи во неверојатниот квалитет на сегашниот тим. Како офанзивен играч за врска, Дро пред себе ги има Дани Олмо (27), Фермин Лопез (22) и Гави (21). Дури и ако игра на крило, таму се недопирливиот Ламин Јамал (18), новиот потпис Руни Бардџи (20) и Рафиња (29).
За разлика од порано, кога младите добиваа шанса поради криза во клубот, оваа Барселона е полна со елитни таленти кои се многу млади, што значи дека патот на Дро до првиот тим би можел да биде блокиран во следните пет до седум години.
ПСЖ демне, откупната клаузула е „смешна“
Најголемиот проблем за Барселона е административен. Бидејќи досега немаше професионален договор (кој во Шпанија може да се потпише само по 18-тиот роденден), откупната клаузула на Дро изнесува само 6 милиони евра.
ПСЖ на Луис Енрике е веќе во првите редови. Интересно е што агентот на Дро е Иван де ла Пења, кој е близок пријател на Енрике. Иако Барса сакаше да го задржи, ставот на клубот е јасен:
„Не можеме да полудуваме и да нудиме огромни договори на секој младинец. Ако нема амбиција да се бори за успех тука, ќе продолжиме да веруваме во Ла Масија. За две години ќе се појави некој нов“.




