Пријателски натпревар во Скопје, кој требаше да биде само тест за формата на екипите, прерасна во главна тема на спортската јавност. Победата на Работнички над лидерот во Втората лига, ГФК Охрид, со високи 8-2, отвори „Пандорина кутија“ од шпекулации, неофицијални информации за пријави до ФФМ и сомнежи за регуларноста.
Додека „чаршијата“ зборува за наводни сомнителни уплати и незалагање на теренот, клубовите експресно излегоа со официјални деманти, оградувајќи се од какви било задкулисни игри.
НАШ СТАВ: Лицемерието на системот
Лесно е денес да се фрли камен по фудбалерите и клубовите. Најлесно е да се обвини некое момче во копачки дека „не трчало доволно“. Но, во целата оваа какофонија од обвинувања, се забележува едно огромно лицемерие.
Иронично е што истите оние механизми и медиуми кои први „плукаат“ по спортистите и бараат вештерки, честопати се истите оние кои агресивно промовираат казина, обложувалници и квоти, претворајќи го спортот од натпревар во комар.
Ние во SportStation сакаме да веруваме и веруваме во невиноста на спортистите додека не се докаже спротивното. Сакаме да веруваме дека лош ден е само лош ден. Но, исто така сме свесни за реалноста. Кога не би постоеле тие валкани машинерии и агресивното наметнување на обложувањето како „начин на живот“, веројатно денес воопшто и не би го правеле овој муабет.
Затоа, нашата мисија останува иста: Спортот да им се врати на спортистите, а не на тикетите.
Ставот на клубовите: „Оркестриран напад“ и „Интегритет“
Од ГФК Охрид Лихнидос реагираа остро, нарекувајќи ги обвинувањата „јавен линч“ и „оркестриран напад“ врз успехот на клубот кој е лидер на табелата.
„ГФК Охрид се оградува од сите невистини… Ги повикуваме институциите јавно да ги објават доказите за наводно примени пријави. Во спротивно, ќе сметаме дека ова е напад од некој кому му пречи успехот на ГФК Охрид,“ стои во нивното соопштение, додавајќи дека стојат на располагање на органите за истрага.
Од друга страна, ФК Работнички ја нагласи својата традиција и чистота.
„Клубот ја информира јавноста дека на било каков начин не е вклучен во инсинуациите. ФК Работнички има единствена цел што е можно подобро да го подготви тимот… Клубот секогаш ќе вложува максимални напори за чист фудбал,“ велат од Дебар Маало.



