Францускиот фудбалски клуб Лион се соочува со огромна финансиска криза и испаѓање од првата Лига, откако беше известено дека клубот не успеал да ги обезбеди потребните 50 милиони евра за спас.
Наводно, огромните долгови, кои достигнуваат и до 800 милиони евра беа причината за регулаторното тело на Лигата да донесе одлука Лион од наредната сезона да игра во втората Лига, по што следуваше жалба од страна на клубот.
Сега, ривалите на теренот неочекувано подадоа рака за спас на реномираниот клуб. Имено, ПСЖ понудиле да ја исплатат предвреме целосната сума од 45+5 милиони евра за Бредли Баркола, што според договорот требало да ја исплаќаат во текот на неколку сезони.

Ова е изненадувачки потег на солидарност во Лигата која често ги разгорува ривалствата и надвор од теренот поради изјави за финансиската нееднаквост. Во 2023 година, ривалството меѓу ПСЖ и Лион се продлабочи откако сопственикот на Лион го обвини ПСЖ за нефер конкуренција, базирана на огромните финансии кои доаѓаат од богатите Катарските сопственици.
Но, потегот на ПСЖ сега докажува дека стратешката финансиска помош може да ги стопи тензиите меѓу клубовите, нешто што е ретко видена динамика во фудбалот. Претходно ваков пример имаше во германската Бундеслига, кога Баерн Минхен му помогна на Дортмунд во 2005 година.
Сега на потег повторно е регулаторното тело, кое треба врз основа на жалбата на Лион да направи ревизија на финансиската стабилност на клубот и да донесе потврда или отфрлање на претходната одлука клубот да испадне од првата Лига.
Одлуката на ПСЖ можеби е поткрепена од фактот што потенцијалното испаѓање на Лион би влијаело на компетитивноста и глобалната слика за француската Лига, но секако е за поздрав овој потег на солидарност и подадена рака на клуб што е на тешки маки, па дури и кога станува збор за ривали.



