Карабах: Шампионите без дом кои го освојуваат светот

 

Објавено:

Додека светлината на рефлекторите на „Енфилд“ се пали за пресметката со гигантот Ливерпул, повеќе од 5.000 километри подалеку, во тишината на Јужен Кавказ, лежат урнатините на еден град кој некогаш живеел за фудбалот. Клубот кој вечерва ќе истрча на култниот терен во Англија не е обичен тим. Тоа е Карабах, „бегалскиот“ состав кој три децении скита по туѓи терени, додека неговото срце остана заробено во урнатините на Агдам.

Нам ни се добро познати по фудбалска линија, токму по дуелот со македонскиот клуб Шкендија во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите, но овој пат ја пренесуваме нивната приказна малку подалеку од терените.

Градот на духовите и стадионот кој стана прав

Приказната за Карабах започнува во Агдам, град кој денес е познат како „Хирошима на Кавказот“. Во 1993 година, за време на Првата војна во Нагорно-Карабах, ерменските сили го зазедоа регионот, а жителите на Агдам, околу 40.000 луѓе, беа принудени да побегнат во Баку со само една кеса во рацете.

Меѓу нив беше и фудбалскиот клуб. Стадионот „Имарат“, каде Карабах ги играше своите мечеви, беше бомбардиран и срамнет со земја. Тренерот на тимот од тоа време, Алахверди Багиров, не замина во Баку како спортист, туку остана да го брани градот како војник. Тој загина на бојното поле, а денес неговото име е врежано во историјата како национален херој.

Извор: Karen Minasyan/AFP via Getty Images (nytimes.com)

Од преживување до европски „разорувач“

Со децении, Карабах беше мал клуб кој преживуваше во главниот град Баку, играјќи пред празни трибини и сонувајќи за враќање. Но, со влезот на моќниот холдинг „Азерсун“, работите се сменија. Клубот стана државен проект. Денес, тие се сопственици на 11 од последните 12 титули во Азербејџан, но нивниот најголем успех е на меѓународната сцена.

Оваа сезона во Лигата на шампионите, Карабах не е само учесник, тие се „разорувачи“. Падна големата Бенфика, падна Ајнтрахт Франкфурт, а Челси едвај извлече жива глава со нерешен резултат. Со буџет кој е само капка во морето во споредба со англиските великани (нивниот рекорден трансфер изнесува скромни 1.2 милиони евра), Карабах докажува дека приказната и мотивот честопати се посилни од парите.

Извор: https://qarabagh.com

Сенки врз успехот: Обид за владин ПР или национален пркос?

Сепак, успехот на Карабах не поминува без контроверзи. Критичарите и организациите како „Амнести Интернешнл“ честопати го посочуваат клубот како алатка за „спортвашинг“, обид на азербејџанската држава да го испере својот имиџ пред светот преку фудбалот.

Тензиите меѓу Азербејџан и Ерменија често се прелеваат на теренот. Во 2020 година, тогашниот портпарол на клубот доби доживотна забрана од УЕФА поради скандалозен пост на социјалните мрежи во кој повикуваше на насилство. Исто така, инцидентот со расистичките гестикулации на натпреварот од младинската лига против Челси фрли дамка врз нивната европска бајка.

Кога е време за враќање дома?

По Втората војна во Нагорно-Карабах во 2020 година, Агдам беше вратен под контрола на Азербејџан. Претседателот Илхам Алијев веќе го постави камен-темелникот на новиот, модерен стадион „Имарат“.

„Ќе бидам најсреќниот човек кога Карабах ќе се врати на нашата земја. Да играме против европските тимови во Агдам е мојот последен сон“, вели Гурбан Гурбанов, човекот кој веќе 16 години е на чело на овој тим.

Но, патот до дома е покриен со мини. Регионот е еден од најминираните во светот, а Агдам сè уште е град во кој наместо луѓе, владее тишината. Додека се градат нови пруги и автопати, Карабах продолжува да биде „клуб во егзил“.

Вечерва, кога ќе го слушнат одекот на „You’ll Never Walk Alone“ на „Енфилд“, играчите на Карабах ќе знаат дека не се сами. Со нив се духовите на Агдам, споменот на Багиров и надежта на илјадници бегалци кои сонуваат за денот кога Лигата на шампионите ќе се игра таму каде што секој од нив посакува – дома.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено