Манчестер Сити, Арсенал и Ливерпул покажаа зошто се во самиот врв на европскиот фудбал, лесно справувајќи се со своите противници за сигурен пласман меѓу најдобрите 16.
Сити експресно до осминафинале, Халанд ја прекина „сушата“
По шокантниот пораз од Бодо Глимт минатата недела, Пеп Гвардиола не сакаше ништо да остави на случајот и дојде до својата 400-та победа. Манчестер Сити доминираше против Галатасарај уште од првата минута.
Ерлинг Халанд ја прекина својата серија без гол од игра во последните пет натпревари, откако мајсторски го лобуваше Чакир по асистенцијата на Жереми Доку. Предноста ја дуплираше Рајан Шерки, кој со „бомба“ по половина час игра ги постави конечните 2:0.
Единствена лоша вест за Гвардиола е повредата на Доку, кој мораше да го напушти теренот пред крајот на првиот дел. Виктор Осимен ги имаше најдобрите шанси за гостите, но Џанлуиџи Донарума беше на висина на задачата.
„Петарда“ на Анфилд: Салах повторно стрелец, Карабах немоќен
Ливерпул на Арне Слот најде утеха во Европа по слабите резултати во Премиер лигата. „Црвените“ го прегазија азербејџанскиот Карабах со убедливи 6:0, а главната приказна на вечерта беше Мохамед Салах.
Египќанецот, кој беше во центарот на вниманието поради јавните критики кон Слот и клубот, го постигна својот прв гол од ноември со прекрасен слободен удар. Салах емотивно го прослави голот пред „Копот“, бакнувајќи го грбот на дресот, со што ги смири тензиите околу неговата иднина.
Стрелци: Алексис Мек Алистер (двапати), Флоријан Виртц, Салах, Хуго Екитике и Федерико Киеза го запечатија триумфот.
Иако Фримпонг заработи повреда на самиот старт, Ливерпул делуваше моќно и безбедно, потврдувајќи го своето место во елиминациската фаза.
Арсенал без мака до елиминациската фаза
Арсенал ја заокружи успешната ноќ за Англичаните со задржување на првото место на табелата. Со смирена и тактички зрела игра, „Топџиите“ го заверија своето место меѓу најдобрите 16, кое веќе им беше загарантирано. Избраниците на Микел Артета не дозволија никакви калкулации, потврдувајќи дека се во врвна форма кога е најпотребно.
Тотенхем и Томас Франк „продишаа“ во Франкфурт
И додека големата тројка доминираше, најголемиот товар падна од плеќите на Томас Франк. Под огромен притисок и со скандирања за негов отказ по слабите резултати во Премиер лигата (каде Тотенхем е само 14-ти), тимот од Лондон одговори со супериорна партија на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт.
Во зимски услови во Германија, „Спарси“ победија со 2:0 и обезбедија директен пласман во осминафиналето. Рандал Коло Муани го отвори резултатот по само 65 секунди игра во второто полувреме, по одличното спуштање на топката од Кристијан Ромеро.
Печатот на победата и на „мирот во куќата“ го стави резервистот Доминик Соланке, кој по еден соло-продор прецизно биеше во долниот агол. За Томас Франк ова е „купување“ мир до март, кога Тотенхем ќе се врати на европската сцена, сега со полн фокус на поправање на впечатокот во домашното првенство.



