Мурињо: „За мене обично сè е дежа ву, но ова беше прв пат!“

 

Објавено:

Кога по четвртото коло во Лигата на шампионите Бенфика немаше ниту еден освоен бод и беше закована на последното место на табелата, Жозе Мурињо беше мета на потсмев кога новинарите го запрашаа дали „сè уште верува“.

„Специјалниот“ тогаш кратко одговори: „Да, верувам. Сè уште сме во игра“.

Синоќа, по завршувањето на осмото коло, Бенфика не само што е „во игра“, туку се пласираше во плеј-оф фазата по една од најлудите ноќи во историјата на „Естадио да Луж“. Спектакуларниот гол на голманот Анатолиј Трубин во 98-та минута против Реал Мадрид го изненади дури и самиот Мурињо.

На прашањето дали во сите овие децении поминати во врвниот фудбал некогаш видел вакво нешто, Жозе низ својата препознатлива насмевка одговори: „За мене обично сè е дежа ву, но ова беше прв пат!“.

Сепак, португалскиот стратег откри дека патот до оваа победа бил проследен со огромна драма и конфузија на самата клупа, бидејќи информацијата дека резултатот 3:2 не е доволен пристигнала предоцна.

„Кога ги заменив Антонио Силва и Фрањо Ивановиќ, немав ни претстава дали 3:2 ни е доволно. Им кажав на играчите само да го задржат водството и победата. Дури подоцна сфативме дека тоа не е доволно. Бидејќи веќе немав замени, го пратив Нико (Отаменди) да игра напред како шпиц. Кога беше досуден фаулот, му викнав на Трубин да оди напред, а на Дал му реков да остане на средина за секој случај. Победувањето секогаш ќе биде важно, ова е историска вечер!“, изјави Жозе за „ESPN“.

За својот нов херој меѓу стативите, Трубин, Мурињо имаше само пофални зборови: Знаев дека може да го направи тоа. Пред неколку недели имавме меч во кој губевме од Порто, во последните моменти тој отиде напред и за малку не постигна гол. Знаев дека големиот дечко е способен за нешто вакво!“.

Со овој триумф, Мурињо уште еднаш го потврди својот статус на „Специјален“, испраќајќи порака до цела Европа дека Бенфика никогаш не треба да се отпише.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено