Карлос Алкараз не само што го победи Александар Зверев, туку ја победи и сопствената болка. Во натпревар кој стана еден од најголемите тестови на издржливост во неговата кариера, младиот Шпанец покажа зошто веќе се смета за великан на овој спорт.
Битка со грчевите и падот на силата
Драмата започна при крајот на третиот сет. До тој момент, Алкараз сервираше со просечна брзина од 204 км/ч, но кога грчевите во десната нога почнаа да го стегаат, неговата сила драстично опадна. Првиот сервис падна на 177 км/ч, а неговата динамика на движење се преполови.
Загриженоста беше видлива на неговото лице додека пиеше сок од кисели краставички, познатиот „лек“ против грчеви, обидувајќи се да се врати во живот. Иако Зверев го искористи моментот и го одведе мечот во петти сет, Алкараз одби да се предаде.
„Мораш да веруваш во себе, без разлика на сè“
По мечот, видно исцрпен, но горд, Алкараз ја објасни својата филозофија:
„Секогаш велам дека мораш да веруваш во себе без разлика низ што поминуваш. Физички, ова беше еден од најтешките мечеви во мојата кратка кариера. Знаев што морам да направам, морав да го ставам моето срце во овој меч. Се борев до последното топче и екстремно сум горд на начинот на кој се вратив“.
Зверев во „непозната територија“
Од друга страна, Александар Зверев беше на прагот на својот најголем триумф по долго време. Германецот немаше победено светски број 1 уште од Новак Ѓоковиќ во 2021 година. Иако успеа да ја сврти психолошката предност во своја корист во четвртиот сет, сепак не најде одговор за лудиот финиш на Алкараз, кој по негативата во петтиот сет, врза четири гема по ред за конечен триумф.
Со оваа победа, Алкараз си обезбеди место во своето осмо Грен слем финале, каде ќе го чека победникот од дуелот меѓу Новак Ѓоковиќ и Јаник Синер.



