Филаделфија 76ерс – Њу Орлеанс 124:114
Во вечер обележана со турбуленции надвор од теренот, Џоел Ембид одговори онака како што знае – доминантно. Камерунскиот центар уфрли 40 поени и 11 скока, носејќи ја Филаделфија до победа над Пеликанс, само неколку часа откако Пол Џорџ беше суспендиран на 25 натпревари.
Иако Сиксерс играа без една од своите клучни ѕвезди, Њу Орлеанс долго време беше во игра. Решавачкиот момент дојде во финишот, кога Тајрис Макси погоди тројка за 117:111, а потоа Ембид и В.Џ. Еџкомб врзаа уште две тројки за сигурна завршница. Публиката во Филаделфија скандираше „МВП“ додека Ембид ја заокружуваше вечерта од линијата за слободни фрлања.
Шарлот Хорнетс – Сан Антонио Спарс 111:106
Шарлот ја продолжи својата најдобра серија во речиси една деценија. Брендон Милер постигна 26 поени, а Хорнетс ја забележаа шесттата победа по ред, нешто што последен пат им успеало во 2016 година.
Сан Антонио се врати од минус 17 и сериозно се закани во завршницата, но Шарлот остана смирен. Виктор Вембањама беше солидно чуван и заврши со 16 поени, додека клучниот момент дојде кога Спарс предоцна фаулираа, дозволувајќи Милер да ги запечати поените од линијата.
Индијана Пејсерс – Атланта Хокс 129:124
Индијана продолжува да изненадува. Ендру Нембхард со 26 поени и 10 асистенции, заедно со Паскал Сијакам (25 поени), ја одржаа контролата во неизвесен натпревар против Атланта.
Иако Хокси имаа фантастичен Џејлен Џонсон (33 поени, 12 скока, 10 асистенции), клучниот шут го погоди Сијакам – прецизен од средна дистанца на 18 секунди до крајот. Пејсерс победија и покрај дури 23 загубени топки, продолжувајќи ја солидната форма по катастрофалниот старт на сезоната.
Минесота Тимбервулвс – Мемфис Гризлис 131:114
Минесота игра можеби најубедливата кошарка во лигата во моментов. Ентони Едвардс уфрли 33 поени, а Тимбервулвс стигнаа до четврта победа по ред, сите со двоцифрена разлика.
Мемфис повторно беше без вистинско решение, а серијата од шест порази продолжи. Тај Џером, во својот прв настап сезонава, беше светла точка со 20 поени, но немаше одговор за ширината и физичката доминација на Минесота.
Чикаго Булс – Мајами Хит 125:118
Ослабениот Чикаго одигра одличен натпревар во Мајами, предводен од Ајо Досунму, кој постигна сезонски рекорд од 29 поени, со дополнителни девет асистенции и осум скока. Булс погодија дури 20 тројки, што се покажа како клучен фактор.
Мајами се обидуваше да се врати во финишот, предводен од Бам Адебајо, но секој обид за израмнување беше краткотраен. Двата тима повторно ќе се сретнат веднаш, во редок НБА распоред со три меѓусебни натпревари во иста регуларна сезона.
Хјустон Рокетс – Далас Маверикс 111:107
Во дербито на младоста, Амен Томпсон беше моторот на Хјустон со 21 поен, 9 асистенции и 8 скока, а Алперен Шенгун го реши натпреварот со кош на помалку од 30 секунди до крајот.
Далас имаше фантастичен Купер Флег, кој продолжи со историски настапи со 34 поени и 12 скока, само два дена по рекордните 49 поени. Но, во финишот, искуството и смиреноста беа на страната на Рокетс, кои ја задржаа предноста и ја запечатија победата.



