Екипата на Вилијамс официјално го откри изгледот на својот нов болид за претстојната сезона во Формула 1. На свеченост одржана во базата во Гроув, пред повеќе од 1.200 вработени, првиот човек на тимот, Џејмс Ваулс, заедно со возачите Александер Албон и големото засилување Карлос Саинц, го претставија новиот модел FW48.
Дизајн што буди спомени
Новиот болид доминира со препознатливата „вибрантна“ сина боја, која е во контраст со елегантни црни делови кои се протегаат од шасијата до задниот дел. Она што најмногу ги воодушеви љубителите на овој тим е враќањето на тенките црвени и бели линии.
Овие детали се директна посвета на шампионските денови на Вилијамс и легендарните болиди како FW14B на Најџел Менсел и FW18 на Дејмон Хил. Всушност, оваа година се одбележуваат точно 30 години од последната титула на Хил, па дизајнот е емотивен потсетник на златната ера на тимот. Најголемата визуелна промена е додавањето на бела боја на страничните делови, како и на предното и задното крило.
The wait is over. Meet the FW48 livery 🤩 pic.twitter.com/Q88qWS0jI5
— Atlassian Williams F1 Team (@WilliamsF1) February 3, 2026
Нови партнери и амбиции за врвот
По успехот во 2025 година, кога Вилијамс заврши на одличното петто место кај конструкторите, тимот привлече сериозни спонзори. На болидот сега стои логото на банката „Barclays“, како и името на новиот насловен спонзор, па тимот официјално ќе се натпреварува како Atlassian Williams F1 Team.
„2026 е следниот чекор на нашиот пат кон врвот. Имаме одличен возачки тандем и фантастични партнери. Не сме наивни за предизвикот што нè чека во новата ера на спортот, но едвај чекаме да видиме каде стоиме во однос на конкуренцијата“, изјави тимскиот шеф, Џејмс Ваулс.
Трка со времето пред Бахреин
Иако атмосферата во тимот е позитивна, почетокот на 2026 година не помина без проблеми. Вилијамс беше единствениот тим што го пропушти неофицијалниот тест во Барселона минатата недела поради доцнење во производството.
Додека останатите 10 тимови, вклучувајќи ги и новите имиња како Ауди и Кадилак, веќе собираа податоци на патеката, Вилијамс мораше да чека во базата. Сепак, Ваулс потврди дека FW48 ги помина сите задолжителни „краш-тестови“ и дека тимот ќе биде целосно подготвен за официјалните претсезонски тестирања во Бахреин, кои започнуваат на 11 февруари.
Карлос Саинц, изјави дека дизајнот е јасна изјава за нивните намери да се вратат меѓу водечките екипи, додека Албон додаде дека болидот изгледа „неверојатно и храбро“.



