Македонската фудбалска репрезентација е на само два чекори од сонот наречен Светско првенство, но тој пат води најпрво преку Копенхаген. Нашите „рисови“ ќе ги одмерат силите со Данска во баражот на еден од најкултните европски стадиони, место каде што историјата и модерната архитектура се спојуваат во едно.
Кога Македонија ќе истрча на теренот во Копенхаген, нашите момци нема да се соочат само со данските ѕвезди, туку и со „ѕидовите“ на најголемиот стадион во Данска – величенствениот „Паркен“. Овој стадион не е само обично игралиште; тој е културен светилник и еден од најмодерните спортски објекти на северот.

Од урнатините на минатото до фудбалска гордост
„Паркен“ е изграден на темелите на стариот „Идретспаркен“, кој беше дом на данскиот фудбал речиси 80 години. Реконструкцијата започна во 1990 година и чинеше неверојатни 640 милиони дански круни. Целта беше јасна: Данска да добие арена која ќе ги исполнува највисоките стандарди на УЕФА.
Официјално беше отворен на 9 септември 1992 година со пријателски меч против тогашниот светски првак Германија. Иако Данците загубија (1-2), тој ден означи нова ера. Интересно е што во 1998 година, ФК Копенхаген го купи стадионот за 138 милиони круни и оттогаш тој е во приватна сопственост на клубот, што е реткост за национални стадиони.

Италијанска инспирација и подвижен покрив
Архитектот Герт Андерсон при дизајнирањето барал инспирација во големите италијански арени. Целта била публиката да биде што поблиску до теренот, создавајќи „интимна“ и жешка атмосфера и покрај капацитетот од 38.000 седишта.
Она што го прави „Паркен“ посебен е неговиот подвижен покрив, сличен на оние во Вембли или Националната арена во Букурешт. Тоа значи дека без разлика на непредвидливото данско време, условите за игра за нашите „рисови“ ќе бидат идеални. Во аглите на стадионот се наоѓаат деловни згради, а на осмиот кат е сместен „Гераниум“, еден од најдобрите ресторани во светот со дури три Мишелин ѕвезди.
Место каде се пишува историја
„Паркен“ веќе бил домаќин на големи настани:
- Финале на Купот на победниците на куповите во 1994 година (Арсенал – Парма).
- Финале на УЕФА Купот во 2000 година (Галатасарај – Арсенал).
- Натпревари од ЕУРО 2020 (вклучувајќи го и драматичниот дуел меѓу Хрватска и Шпанија).
За Данците, овој стадион е симбол на емоциите, а тука се создаваат спомени кои траат вечно. Македонија ја чека пеколна атмосфера и милион очи вперени во секој потег, но нашите фудбалери веќе покажаа дека знаат да го замолкнат светот на вакви големи сцени.



