Шарл Леклер и Ферари ја презедоа контролата врз тестирањата во Бахреин, откако возачот од Монако го постави најдоброто време на денот (1:34.273). Иако времето беше поставено уште во утринската сесија на меки C3 гуми, тоа остана недостижно до самиот крај на денот, оставајќи го актуелниот шампион Ландо Норис на половина секунда заостанување.
Маратонците на денот и изненадувањето Берман
Ферари и Мекларен не само што беа брзи, туку беа и неверојатно издржливи. Норис комплетираше рекордни 149 кругови, додека Леклер застана на 139. Сепак, најголемото изненадување го приреди младиот Оли Берман во болидот на Хаас. Британецот извозе импресивни 130 кругови и го заврши денот со трето најбрзо време, покажувајќи дека Хаас можеби ќе биде „тврд орев“ во средниот ред оваа сезона.
Мерцедес и Ред Бул во борба со техниката
Додека Ферари нижеше кругови, во гаражата на Мерцедес владееше нервоза. Младиот Кими Антонели помина низ вистински кошмар, а поради проблеми со погонската единица, тој успеа да комплетира само три круга без ниту едно официјално време. Џорџ Расел успеа малку да ја поправи сликата попладнето со четврто време, но штетата во собирањето податоци е веќе направена.
Слична судбина во еден дел од денот имаше и Исак Хаџар во Ред Бул. По тешкиот почеток, тој сепак успеа да „заврти“ 87 кругови и да се пласира на петтото место, веднаш пред Габриел Бортолето во болидот на Ауди.
Астон Мартин на дното, Кадилак со проблеми
Ленс Строл веќе даде песимистичка прогноза дека неговиот тим заостанува повеќе од четири секунди зад лидерите, а Фернандо Алонсо денеска само го потврди тоа. Шпанецот заврши дури на 14-то место со речиси четири секунди заостанување зад Леклер.
Дебитантот Кадилак имаше „шарен“ ден. Валтери Ботас успеа да се пробие до осмото место, но претходно предизвика црвено знаме кога му отпадна еден од ретровизорите на патеката. Неговиот тимски колега Серхио Перез го заврши денот на последното место меѓу оние со регистрирано време, борејќи се со дефект во првиот час од тестирањето.
Резултати од 2. ден во Бахреин:
- Шарл Леклер (Ферари) – 1:34.273 (139 круга)
- Ландо Норис (Мекларен) +0.511 (149 круга)
- Оливер Берман (Хаас) +1.121 (130 круга)
- Џорџ Расел (Мерцедес) +1.193 (54 круга)
- Исак Хаџар (Ред Бул) +2.288 (87 круга)




