Формула 1 официјално го потврди новиот договор со патеката „Барселона-Каталуња“, со што трките во Шпанија се загарантирани барем до 2032 година. Сепак, новиот модел на соработка носи голема промена – патеката во близина на Барселона ќе се ротира со белгиската легенда „Спа-Франкоршамп“.
Нова ера и ново име
Од 2026 година, трката во Шпанија ќе биде преименувана во Гран-при Барселона-Каталуња. Според новиот договор, Барселона ќе биде домаќин на трките во 2028, 2030 и 2032 година (покрај веќе закажаната трка за 2026), додека во преостанатите години (2027, 2029 и 2031) фановите ќе се селат на белгиските ридови во Спа.
Овој потег е дел од стратегијата на Ф1 да го зачува историското јадро на европските трки, додека истовремено прави простор за нови дестинации низ светот.
Formula 1 has announced a multi-year extension with the Circuit de Barcelona‑Catalunya, securing Grands Prix in 2028, 2030, and 2032, in addition to the already scheduled 2026 event. Under the new agreement, the circuit will host races in rotation with Circuit de… pic.twitter.com/ymRGsHnwzq
— F1 Media (@F1Media) February 16, 2026
Инвестиции и модерен изглед
Барселона не ја доби оваа доверба случајно. Патеката претрпе огромна трансформација во последните години, вклучувајќи го новиот луксузен „Rooftop“ простор за навивачите со поглед на највозбудливите свиоци (9, 10 и 11), како и целосна инсталација на соларни панели, со што стана една од најодржливите патеки во календарот.
Патеката, изградена во 1991 година за Олимписките игри, останува омилена кај возачите поради комбинацијата на брзи и спори свиоци. Токму тука Макс Верстапен ја оствари својата прва победа во 2016 година, а во 2025 година видовме доминација на Мекларен со победата на Оскар Пијастри.
Економски мотор за Каталонија
Со повеќе од 300.000 посетители минатата сезона, Ф1 генерира над 300 милиони евра приход за регионот по секое издание. Првиот човек на Ф1, Стефано Доменикали, не го криеше задоволството:
„Барселона е неверојатен град и фановите секогаш нè пречекуваат со страст. Среќен сум што остануваме тука, но и што ја најдовме оваа формула за соработка со Спа, со што ги зачувуваме двете култни дестинации“.



