Во Формула 1 никогаш не е досадно, дури и пред да почнат моторите да грмат на патеката. Во центарот на вниманието е големата војна на производителите околу моторите за 2026 година, каде Мерцедес се најде под лупа на своите ривали поради генијално (или контроверзно) толкување на правилата.
Трикот на Мерцедес: Ладен мотор – чист, жежок мотор – над лимитот?
Според правилата на ФИА, соодносот на компресија на моторите е строго лимитиран на 16:1. Но, инженерите на Мерцедес откриле дупка: правилата предвидуваат тестирање на компресијата додека моторот е ладен во гаражата. Ривалите тврдат дека Мерцедес развил мотор кој ги почитува правилата додека е ладен, но штом ќе постигне работна температура, соодносот се качува на 18:1, што носи огромна предност во коњски сили.
Ауди, Ферари, Хонда и Ред Бул/Форд се обединија против тимот на Тото Волф, барајќи од ФИА веднаш да воведе нови тестови кои ќе се вршат на температура од 130°C.

Тото Волф: „Средете си го сопственото ѓубре“
Шефот на Мерцедес, Тото Волф, не остана должен на нападите. Тој ги повика ривалите да се фокусираат на сопствената работа наместо да бараат изговори пред почетокот на сезоната.
„Суштината на Формула 1 е да најдеш перформанси во рамките на правилата. Нашите инженери само ги турнаа регулативите до лимитот. Еднаш тоа оди во ваша корист, друг пат против вас. Наместо да се жалите, средедете си го сопственото ѓубре“, порача Волф.
Гласањето во август како компромис
ФИА потврди дека нема да има промени пред првата трка во Австралија за да се избегнат протести на резултатите, но предложи нов компромис. Доколку „супер-мнозинство“ (пет од седумте страни) гласа „ЗА“, од 1-ви август, односно средината на сезоната, ќе се воведат нови тестови на висока температура.
Ова би му дало на Мерцедес (и на нивните клиенти Мекларен, Вилијамс и Алпин) време до летната пауза да ги прилагодат своите мотори, но истовремено би ја спречило нивната доминација во вториот дел од сезоната.
Дали ова е обид да се сопре иновативноста или неопходен потег за фер натпреварување? Одговорот ќе го дознаеме по гласањето за 10 дена.



