Натпреварот меѓу Бенфика и АФС на „Да Луж“ помина во знакот на еден специјален гостин. Деветгодишниот Родриго, момчето кое ја воодушеви Португалија со својата храброст, конечно го доживеа својот сон – да биде дел од својот омилен тим и да го запознае Жозе Мурињо.
Херојскиот повик кој спаси живот
Приказната на Родриго започна пред околу еден месец, во момент кој би бил застрашувачки и за возрасен човек. Додека бил сам во автомобилот со своите две помали братчиња и сестричка, неговата мајка доживеала срцев удар. Родриго не паничел – останал присебен, се јавил на бројот за итни случаи и дал прецизни информации кои биле клучни за спасување на нејзиниот живот. Снимката од неговиот повик ја обиколи земјата и ги расплака сите.
Um dia inesquecível para o Rodrigo ❤️🔥
— SL Benfica (@SLBenfica) February 22, 2026
📹 Vê o vídeo completo no nosso Youtube! 🔗 https://t.co/nmqwydfQoX pic.twitter.com/We8LtUhP1L
Средба со идолите и Мурињо
Откако се дозна дека Родриго е голем навивач на „орлите“, клубот и фондацијата на Бенфика веднаш стапија во акција. На натпреварот од 23. коло, тој гордо излезе на теренот фатен за рака со Анисио Кабрал, додека целиот стадион му аплаудираше.
По натпреварот, во кој Бенфика славеше со 3:0, следуваше највозбудливиот дел за малиот херој. Родриго се сретна со целиот тим и со тренерот Жозе Мурињо. „Специјалниот“ не ја криеше својата восхит, пречекувајќи го момчето со прегратки и зборови на поддршка за неговата зрелост и присебност.
Родриго го гледаше мечот од клупата заедно со своето семејство, уживајќи во секој гол на својот сакан тим, додека навивачите постојано му приоѓаа за да му честитаат. Фудбалот често е полн со ривалство и конфликти, но ваквите моменти се потсетник дека овој спорт може да биде моќна алатка за добро и за славење на вистинските вредности.



