Тензиите пред реваншот меѓу Реал Мадрид и Бенфика го достигнаа врвот. По суспензијата на младиот Џанлука Престијани поради наводен расистички испад кон Винисиус Жуниор, Тибо Куртоа реши јавно да проговори и да ги „поклопи“ критичарите кои вината ја бараат во однесувањето на Бразилецот.
„Винисиус не направи ништо лошо“
Куртоа директно му одговори на Жозе Мурињо, кој претходно изјави дека прославата на Винисиус по постигнатиот гол во Лисабон била непочитување кон публиката.
„Мурињо е Мурињо, тој секогаш ќе го брани својот клуб. Но, ми пречи што прославата на Винисиус се користи против него. Тој не направи ништо лошо, прослави на ист начин како што многу ривали прославувале против нас. Не можеме да оправдуваме расизам поради една прослава. Мислам дека како општество треба да бидеме помалку глупави“, изјави Куртоа.
Целосна доверба во соиграчот
Белгискиот голман нагласи дека му верува на Винисиус „100 проценти“ за тоа што го слушнал на теренот. Тој потврди дека играчите на Реал биле подготвени трајно да го напуштат теренот во Лисабон, но продолжиле само затоа што Винисиус изразил желба да го доигра натпреварот.
Куртоа упати критики и до обезбедувањето на стадионот „Да Луж“, посочувајќи дека редарите кои се на само два метри од трибините мора да реагираат и да ги исфрлат оние кои упатуваат расистички навреди, наместо само да набљудуваат.
Арбелоа бара дела, а не само слогани
На иста линија со Куртоа беше и тренерот на Реал, Алваро Арбелоа, кој упати директна порака до УЕФА. Тој побара европската куќа на фудбалот да не остане само на „убавите банери“ пред натпреварите, туку овој случај да го искористи за да испрати моќна порака и драстично да ги казни прекршителите.
Реваншот на „Сантијаго Бернабеу“ се игра утре, а на него ќе недостасуваат и суспендираниот Престијани, но и Жозе Мурињо, кој заработи црвен картон на првиот меч.



