Поранешниот прв човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер, во последната сезона на документарната серија на Нетфликс, „Drive to Survive“, за првпат јавно проговори за неговото контроверзно заминување од тимот минатото лето. Иако многумина сметаа дека „кланот Верстапен“ стои зад неговата смена, Хорнер вината ја насочи кон друго место.
„Јос никогаш не ми беше фан, но не е тој одговорен“
Шпекулациите дека Макс Верстапен поставил ултиматум „или јас, или Хорнер“ за да остане во тимот по 2026 година, Британецот ги отфрла како неточни. Иако признава дека односот со таткото на светскиот шампион бил затегнат, тој смета дека тие не биле причината за неговиот отказ.
„Таткото на Макс никогаш не бил мој најголем фан. Тој беше многу гласен во критиките кон мене, но не верувам дека семејството Верстапен е одговорно за моето заминување на кој било начин“, открива Хорнер во серијата која треба да биде објавена овој петок.

Борба за моќ по смртта на Матешиц
Хорнер, кој доби отпремнина од неверојатни 52 милиони фунти, прстот го впери директно во менаџментот на компанијата, поточно во извршниот директор Оливер Минцлаф и советникот Хелмут Марко. Според него, по смртта на основачот Дитрих Матешиц, структурата во тимот целосно се променила.
„Мислам дека ова беше одлука донесена од Оливер Минцлаф, со Хелмут кој советуваше од страна. Работите во групацијата се променија по смртта на Дитрих. Веројатно сметаа дека имам преголема контрола врз бизнисот“, додава Хорнер, кој го водеше тимот цели две децении и освои вкупно 14 титули (осум возачки и шест конструкторски).
Ненадеен крај на една ера
Заминувањето на Хорнер следеше по бурните 18 месеци, кои беа обележани со обвинувањата за несоодветно однесување кон вработена во тимот, иако тој двапати беше ослободен од тие обвиненија по внатрешни истраги. Самиот Хорнер признава дека чувствува огромна загуба и дека не добил шанса соодветно да се збогува со тимот што го градеше од 2005 година.
„Сè се случи многу нагло. Не добив шанса за вистинско збогување“, заклучува 52-годишниот Британец.
Иако многумина шпекулираат за неговото враќање во Формула 1 преку другите тимови, за сега нема вистински најави за нешто такво.



