Реал Мадрид обезбеди пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, совладувајќи ја лисабонската Бенфика со 2:1 (вкупно 3:1). Иако „кралевите“ беа значително ослабени со неиграњето на повредениот Килијан Мбапе, тимот на Алваро Арбелоа покажа карактер и успеа да го преживее раниот шок за да го потврди своето место меѓу елитата.
Рана драма и автогол кој за малку ќе станеше трагедија
Натпреварот започна со огромен притисок за домашните. Уште во 14-та минута, „Бернабеу“ замолкна. По една неспретна интервенција на младиот Раул Асенсио, топката тргна кон сопствената мрежа. Куртоа успеа да интервенира, но само до Рафа Силва, кој ја смести топката во голот за водство на Бенфика од 0:1. Португалците во тие моменти делуваа моќно, а духот на суспендираниот Престијани како да лебдеше над теренот.
Сепак, радоста на гостите траеше кратко. Само две минути подоцна, Орелиен Чуамени со вистински проектил од работ на шеснаесеттникот го постигна својот прв гол во ЛШ и донесе експресно израмнување, смирувајќи ги страстите кај домашната публика.
Винисиус Жуниор со истиот танц, сега на Бернабеу
Целиот натпревар беше проткаен со поддршка за Винисиус. Навивачите со транспаренти „Не за расизмот“ му порачаа на својот идол дека се зад него по инцидентите од првиот меч. И кога се чинеше дека Бенфика може да изнуди продолженија бидејќи нападот на Реал без Мбапе беше помалку опасен, Винисиус стапи на сцена.
На десет минути пред крајот, Бразилецот со филигрански прецизен дијагонален удар ја запечати судбината на Бенфика. Ова беше негов шестти гол на последните пет натпревари, со што потврди дека се наоѓа во животна форма.
Што следи за „Кралевите“?
Реал Мадрид сега со нетрпение го чека петок и ждрепката за осминафиналето. Потенцијалните противници се застрашувачки: Манчестер Сити или Спортинг Лисабон.



