Легендите порачуваат: „Спортски игри за млади“ пристигнуваат во Македонија!

 

Објавено:

Македонија се приклучува на најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа – „Спортски игри за млади“ (Youth Sports Games). На 27-ми февруари, официјално ќе биде потпишан договорот за соработка, со што нашата земја станува дел од оваа престижна меѓународна платформа.

Потпишувањето на договорот ќе го реализираат Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, и Здравко Мариќ, претседател на Плазма Спортските игри за млади.

Порака од амбасадорите: Спортските ѕвезди ги покануваат младите

Спортските легенди и амбасадори на „Спортски игри за млади“ испратија охрабрувачки пораки до македонските деца.

Славен Билиќ со ентузијазам најави: „Со огромно задоволство, сакам да ви кажам дека Спортски Игри за Млади оваа пролет доаѓа и кај вас. За прв пат! Затоа спремете ги вашите патики, соберете ја екипата и дојдете на терен. Ве очекуваат многу насмевки, нови пријателства и вистинска спортска атмосфера.“

Жељко Обрадовиќ, потсетувајќи дека патот до врвот започнува од малите нешта, истакна: „Секој првак започнува од малите игралишта. Можеби баш оваа пролет ќе видиме некоја нова спортска ѕвезда на Плазма Спортските игри за Млади.“

Горан Иванишевиќ, повикувајќи на заедништво, порача: „И затоа сакаме да ве видиме сите вас на теренот. Оваа пролет играме заедно.“

Еврокомесарот и амбасадор на игрите, Јоханес Хан, ја нагласи суштината на овој проект: „Спортот не е само победа. Спортот е социјализација, почит и фер плеј. Ги покануваме сите деца да се пријават и да бидат дел од ова искуство. Да покажеме дека играме најдобро кога играме заедно.“

Што претставуваат „Спортските игри за млади“?

Оваа иницијатива нуди уникатен простор каде децата и младите, без разлика на нивното спортско искуство, можат да се натпреваруваат, да се дружат и да учат за вредностите на спортот – сето тоа бесплатно. Натпреварите се организирани според професионални стандарди и опфаќаат 10 спортски дисциплини:

  • Мал фудбал
  • Одбојка
  • Одбојка на песок
  • Ракомет
  • Кошарка 3х3
  • Тенис
  • Пинг-понг
  • Шах
  • Атлетика (трки на 60 метри)
  • Граничар

Спортска програма низ цела Македонија

Активностите во Македонија ќе се реализираат во текот на април, мај и јуни 2026 година. Предвидени се 18 спортски денови низ различни општини, со активно учество на училиштата, локалните заедници и поддршка од националните спортски федерации. Очекувањата се дека над илјада деца од целата држава ќе земат учество во овие настани.

Најдобрите поединци и екипи од државните натпревари ќе добијат шанса да патуваат на Меѓународната завршница, која традиционално се одржува во Сплит, Хрватска. Таму ќе имаат можност да се натпреваруваат и да се дружат со своите врсници од останатите земји учеснички.

Извор: https://www.youthsportsgames.com

Вмрежување со регионот и градење национална платформа

Со приклучувањето кон „Спортските игри за млади“, Македонија застанува рамо до рамо со Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина, земји каде игрите веќе успешно се реализираат.

Покрај меѓународното учество, Македонија паралелно работи на градење на сопствена национална платформа. Целта е засилување на соработката помеѓу училиштата, општините и спортските федерации, создавајќи одржлив систем за промоција на здравиот начин на живот, физичката активност, соработката и фер-плејот меѓу младите генерации. Овој проект, кој се одржува под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет и Европската комисија, бележи почеток на една нова, позитивна ера за младинскиот спорт во нашата земја.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено