Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, крена голема прашина во англиската фудбалска јавност со својата последна изјава. Холанѓанецот, кој е познат по својата посветеност на напаѓачкиот и течен фудбал, призна дека модерната Премиер лига станува сè потешка за гледање за неутралните навивачи.
„Ова е новата реалност“
Според Слот, претераниот фокус на прекините (корнери, слободни удари, аути) го уништува ритамот на играта. Тој смета дека во Англија се дозволува премногу физички контакт врз голманите, што во другите лиги, како холандската Ередивизија, веднаш би се карактеризирало како прекршок.
„Моето фудбалско срце не го сака ова. Кога мислам на фудбал, мислам на Барселона од пред 10-15 години. Секоја недела едвај чекавте да ги гледате. Сега, повеќето натпревари во Премиер лигата не се уживање за гледање. Секој прекин е борба, речиси можете да го удрите голманот во лице и судијата ќе каже: ‘Продолжи’,“ изјави Слот.
Иако не му се допаѓа овој тренд, Слот признава дека тоа е она што ја прави лигата толку конкурентна – секој може да победи секого токму поради таа дисциплина во прекините.

Ливерпул ја научи лекцијата
Иронично, Ливерпул стана „мајстор“ токму во она што Слот не го сака. По заминувањето на тренерот за прекини Арон Бригс во декември, „црвените“ драстично се подобрија во овој сегмент. На последниот меч против Вест Хем (5:2), Ливерпул постигна дури три гола во првото полувреме токму по прекини.
Кадровски проблеми пред гостувањето кај Волвс
Ливерпул вечерва му гостува на последнопласираниот Вулверхемптон, а Слот потврди дека во тимот ќе го нема клучниот играч Флоријан Вирц. Германецот се очекува да го пропушти и дуелот во ФА купот против истиот противник во петок.
Добра вест е враќањето на Џереми Фримпонг, кој доби минутажа против Вест Хем, но Слот најави дека неговите минути ќе бидат внимателно менаџирани со оглед на пеколниот распоред (три меча во седум дена и гостување кај Галатасарај).



