Кошмарот за Реал Мадрид по поразот од Хетафе доби нова, многу пострашна димензија. Клубот денеска официјално потврди дека бразилскиот офанзивец Родриго заработил тешка повреда на десното колено – скинати предни вкрстени лигаменти (ACL) и оштетување на надворешниот менискус.
Крај на сонот за Светското првенство
Оваа повреда за Родриго не значи само крај на клупската сезона, туку и дефинитивно збогување со сонот за настап на Светското првенство во САД, Канада и Мексико ова лето. Според првичните проценки, по операцијата го чека пауза од најмалку една година.
Самиот фудбалер се огласи на социјалните мрежи со емотивна порака:
„Ова е еден од најлошите денови во мојот живот. Секогаш се плашев од оваа повреда… Можеби животот е суров кон мене во последно време. Надвор сум од терените со мојот клуб и надвор од Светското првенство со мојата земја, сон кој сите знаат колку многу ми значеше“.
Проклетството на вкрстените лигаменти во Реал
Родриго е дури петтиот фудбалер на Реал Мадрид кој претрпел ACL повреда од летото 2023 година наваму. Тој се приклучува на црната листа на која се Куртоа, Алаба, Карвахал и Милитао (кој дури двапати ја доживеа истата судбина). Ова отвора сериозни прашања за медицинскиот тим и преоптоварениот распоред на играчите.
Иако оваа сезона Родриго не беше во својата најдобра форма и често беше во сенка на Ламин Јамал и Мбапе, Арбелоа губи играч кој секогаш знаеше да блесне во клучните моменти, особено во Лигата на шампионите.
Болница во „кралскиот клуб“
Покрај Родриго, Реал во моментов не може да смета ниту на Џуд Белингем (повреда на задната ложа), ниту на Едер Милитао, додека Килијан Мбапе сè уште е под посебен режим поради болки во коленото. Со оглед на тоа што за само една недела во Мадрид гостува Манчестер Сити, Арбелоа се наоѓа во незавидна позиција.



