За македонската публика, светот на американскиот ИндиКар (IndyCar) шампионат можеби не е најпознат, но драмата која изминативе две години го тресеше овој спорт е нешто што вреди да се раскаже. Во центарот на вниманието е Алекс Палоу, еден од најталентираните возачи на денешницата, кој со своите 26 години веќе е четирикратен шампион во ИндиКар серијата, но и човек кој се најде во центарот на невиден правен и спортски скандал помеѓу два гиганти, Мекларен и Чип Ганаси Рејсинг.
Приказната започна во 2022 година, кога Палоу се обиде насилно да го раскине договорот со неговиот тогашен тим (Ганаси) за да премине во Мекларен, намамен од ветувањата дека еден ден ќе вози во Формула 1. Ганаси го блокираше трансферот на суд, па Палоу остана уште една година. Во 2023 година, кога трансферот во Мекларен конечно требаше да се реализира, Шпанецот направи шокантен пресврт, одлучи да го прекрши договорот со Мекларен и да остане во Ганаси!
Ова го налути првиот човек на Мекларен, Зек Браун, кој покрена мултимилионска тужба пред Високиот суд во Лондон.
Пресудата и шокантното извинување
Во јануари оваа година, судот пресуди во корист на Мекларен. Палоу (и Ганаси, кој гарантираше за неговите правни трошоци) требаше да платат над 12 милиони фунти за прекршување на договорот, плус дополнителни 8 милиони фунти за правни трошоци, сума од вртоглави 20 милиони фунти!
Но, пред самиот почеток на новата ИндиКар сезона викендов во Сент Петерсбург, се случи уште еден неочекуван пресврт. Страните постигнаа приватен договор и спогодба надвор од судницата.
Најголемото изненадување е јавната изјава на Палоу, кој буквално се посипа со пепел, повлекувајќи ги сите претходни обвинувања дека Мекларен го измамиле со лажни ветувања за Формула 1.
„Мекларен и Зек ме поддржаа на многу начини, ги исполнија сите обврски, отидоа надвор од очекуваното и испорачаа сè што пишуваше во нивните договори. Никогаш не бев заведен од Мекларен и многу ја почитувам нивната организација. Бев влечен на различни страни и ги имав погрешните луѓе околу мене во тој период,“ изјави Палоу.
Кој ја плаќа сметката?
Иако деталите од спогодбата се тајни, јасно е дека Мекларен инсистирал на јавно извинување во замена за финансиски попуст. Но, Палоу и Ганаси сè уште должат сума која се проценува на над 10 милиони долари.
Како ќе се плати ова? Според информациите од судскиот процес, Ганаси ќе ја покрие казната сега, но Палоу ќе мора да ги „одработи“ парите. Тој потпиша нов, повеќегодишен договор со Чип Ганаси Рејсинг, но со значително намалена плата – далеку под пазарната вредност на еден четирикратен шампион.
Интересно е што и самиот тим на Ганаси упати строга порака до својот возач:
„Се надевам дека Алекс научи колку е важно да чува добри луѓе околу себе, што сега и го прави, за настаните од 2023 година никогаш да не се повторат.“
Останува да видиме како овој финансиски товар и јавно понижување ќе влијаат врз психата на Палоу. Дали ќе продолжи да доминира на патеката или присилниот „евтин“ договор ќе создаде раздор во најуспешниот тим во ИндиКар? Едно е сигурно, правната сага конечно заврши, а време е за тркање!



