(Анализа) Мега-дерби пред празни трибини: Зошто македонскиот фудбал упорно се крие од своите навивачи?

 

Објавено:

Утре македонската фудбалска јавност требаше да слави. На програмата е најголемото дерби во Првата македонска фудбалска лига (1. МФЛ), директен судир за титулата помеѓу лидерот Вардар и второпласираната Шкендија. Разликата на табелата е само четири бода во корист на скопските „црвено-црни“ (52 наспроти 48 бода), што значи дека овој натпревар може да го реши шампионот за сезоната 2025/2026.

Но, наместо фудбалски празник под рефлектори, полни трибини и спектакл кој ќе го промовира домашниот спорт, натпреварот е закажан во четврток, во 14:00 часот, на тренинг-центарот на ФФМ.

Термин кој по автоматизам ги брка навивачите, работниците и студентите од стадионите.

Пропуштена шанса за вистински спектакл

Навистина е нејасно зошто дуел од ваква магнитуда, кој директно одлучува за титулата, се игра во работен ден, среде работно време. Особено кога на располагање го имаме Националниот стадион и опцијата за ноќен термин кој би привлекол илјадници љубители на фудбалот.

Свеж е примерот од пред само пола ден, кога ракометарите на Вардар играа пред 5.000 страсни навивачи во вечерен термин и создадоа атмосфера за паметење. Тоа беше вистинска можност за промовирање на спортот. Зошто фудбалот, кој очајно се бори за враќање на публиката, упорно бега од ваквите можности?

Во нашата неодамнешна анализа веќе пишувавме за парадоксот на ФФМ, се набавуваат илјадници нови столчиња за стадионите, а во исто време се носат одлуки кои гарантираат дека тие столчиња ќе останат празни. Дербито Вардар – Шкендија е најдобар доказ за тоа.

Вардар пред шампионски чекор, Шкендија во поход кон врвот

Што се однесува до самиот натпревар, влогот не може да биде поголем. Вардар има фантастична серија и суверено владее на врвот со само еден пораз сезонава (гол разлика 50:17). Од друга страна, Шкендија е во страшна форма со пет врзани победи и доаѓа во Скопје со јасна цел – да ја намали разликата на само еден бод и да ја направи трката за титулата драматична. Тетовци знаат дека ова е нивната последна вистинска шанса да го загрозат лидерот.

Третиот конкурент Струга Трим Лум, заостанува на третата позиција со 44 бода и речиси ги загуби шансите за одбрана на круната.

И покрај апсурдниот термин, верните поддржувачи на Вардар најавуваат дека ќе најдат начин да бидат присутни и да му дадат силна поддршка на својот миленик во походот кон 12-тата шампионска титула. Утре на теренот ќе треба да се остави срцето, бидејќи победникот речиси сигурно ќе го крене пехарот на крајот од сезоната.

Натпреварот започнува утре (четврток, 5-ти март) во 14:00 часот.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено