Ден за дерби: Вардар бара излез од кризата, Шкендија во поход кон врвот!

 

Објавено:

Денеска од 14:00 часот, теренот на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје ќе биде сведок на најголемиот дуел во македонскиот фудбал сезонава (Иронијата на терминот веќе ја пишувавме, но за тоа на линкот подолу). Во рамките на 21-то коло од Првата лига, лидерот Вардар го пречекува актуелниот шампион Шкендија во меч кој многу лесно може да ги одреди натамошните насоки во битката за титулата.

Вардар под притисок: Време е за одговор

„Црвено-црните“ од Скопје влегуваат во овој дуел по два тешки удари – шокантната елиминација од Купот од екипата на Охрид и ремито против Струга ТЛ. Притисокот е евидентен, но во таборот на Вардар владее верба дека токму дербито е вистинскиот момент за враќање на победничките патеки.

„Ова е дерби кое може да го одлучи шампионатот. По два тешки меча, екипата е подготвена да се врати на победите и да заборави на она што се случуваше претходно. Дресот на Вардар е сам по себе доволна мотивација за секого“, изјави дефанзивецот Георгије Јанкулов.

Шкендија во налет: Фокусот е само на титулата

За разлика од Вардар, тетовските „црвено-црни“ се во фантастична серија. По завршувањето на европските настапи, тимот на Шкендија е максимално фокусиран на домашната сцена каде реди победи во пролетниот дел. Со заостанување од четири бода зад Вардар, за нив ова е „сè или ништо“ натпревар доколку сакаат да ја одбранат круната.

„Против Пелистер покажавме карактер и направивме пресврт, што ни дава дополнителна мотивација. Не ни е важно каде се игра, само сакаме еднакви услови и добар терен. Нека покаже теренот кој е најдобар“, порача крилниот напаѓач на гостите, Лиридон Љатифи.

Извор: https://www.ffm.mk

Што вели математиката?

Вардар моментално има четири бода предност. Победа за домаќинот би значела „бегство“ на огромни +7, што би била огромна предност пред финишот на сезоната. Од друга страна, триумф на Шкендија би ја стопил разликата на само еден бод, правејќи ја завршницата на ПМФЛ најдраматична во последните неколку години.




Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено