Арсенал „преживеа“ на гостувањето кај третолигашот Мансфилд Таун, славејќи со минимални 2-1 во осминафиналето на ФА Купот. Иако разликата во класи беше евидентна, домашниот тим го принуди лидерот во Премиер лигата да се бори за секоја топка до последната секунда.
„Магија, енергија и интензитет“
Микел Артета по натпреварот не го криеше воодушевувањето од атмосферата и карактерот на најстарото фудбалско натпреварување во светот.
„Тоа е убавината на ова натпреварување. Магијата, контекстот, противникот, теренот и публиката – тие го направија овој натпревар прекрасен. Вложија толку многу енергија и интензитет. Тоа е причината зошто сите го сакаат ФА Купот, овде ништо не ти е подарено, мораш да го заработиш триумфот“, изјави Артета.
Историски момент: 16-годишници во стартниот состав
Артета направи дури девет промени во тимот, но најголемо внимание привлече одлуката да започне со двајца 16-годишници – Макс Дауман и Марли Салмон. Ова е првпат во историјата еден премиерлигашки клуб да започне натпревар со двајца играчи на таа возраст. Покрај нив, деби за „топчиите“ забележа и младиот дефанзивец Џејден Диксон, кој влезе во игра во финишот. Артета истакна дека е горд на нивната личност и подготвеност да играат под притисок.
Магичната бројка 100
Натпреварот во Мансфилд ќе остане запаметен и по еден голем статистички јубилеј. Голот на Нони Мадуеке во првото полувреме беше 100-тиот погодок за Арсенал оваа сезона во сите натпреварувања. За споредба, минатата сезона Арсенал дојде до оваа бројка дури на 20 април. Фактот што дури 19 различни фудбалери се запишале во листата на стрелци досега, за Артета е „најмоќното оружје“ на тимот.
Победата ја запечати Еберечи Езе во второто полувреме, откако домаќините накратко ги шокираа фаворитите со израмнувачки погодок веднаш по паузата.



