Фудбалерите на Силекс попладнево (14:00 часот) го пречекуваат лидерот Вардар во рамките на 22. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Овој дуел има огромно резултатско значење и за двете екипи – на скопските „црвено-црни“ им се неопходни бодови за да ја задржат првата позиција, додека кратовчани се во потрага по својата прва пролетна победа пред домашната публика.
Иако Силекс игра одлично на гостински терен (две победи и едно реми оваа пролет), домашниот стадион досега не се покажа како предност по поразот од Шкендија и ремито со Башкими. Сепак, португалскиот интернационалец во редовите на кратовскиот прволигаш, Мигел Пиреш, смета дека е време за прекин на таа серија.
„Очекувањата се секогаш исти од секој натпревар – три бода. На првиот меч против нив имавме чувство дека со малку повеќе среќа можевме да избегнеме пораз. Нашиот противник е лидер бидејќи прави сè како што треба. Ним им требаат бодовите да останат на врвот, а нам ни се потребни за да ја намалиме разликата. Ваквите натпревари се секогаш тешки,“ истакна Пиреш.
Португалецот посочи дека лошите услови на теренот во Кратово биле главната пречка за нивниот препознатлив стил на игра на претходните домашни натпревари, но најави дека ситуацијата сега е променета.
„Условите на теренот претходно беа полоши и тоа не ни помогна да го форсираме нашиот стил на игра. Сега мислам дека условите се подобрени и затоа очекувам да почнеме нова победничка серија дома. Атмосферата во тимот е одлична и ако има натпревари во кои играчите вистински уживаат, тоа се токму овие дерби пресметки. Најважно е да бидеме подготвени да се бориме за трите бода,“ заклучи фудбалерот на Силекс.
Правдата на денешниот натпревар во Кратово ќе ја дели главниот судија Игор Стојчевски од Скопје.



