Во градот под Пелистер, околу 50 девојчиња на возраст од 8 до 12 години викендов ги направија своите први фудбалски чекори. Како дел од заедничкиот проект на ФФМ и ФИФА за развој на женскиот фудбал, Битола беше домаќин на првиот од предвидените десет фестивали кои во следните две години ќе се одржат низ цела Македонија.
Насмевки, едукација и први голови
Учениците од битолските основни училишта, заедно со локалните женски клубови и тренерите од фудбалската академија, уживаа во забавни и едукативни игри. Целта е јасна: создавање на нова, широка база на млади таленти кои еден ден со гордост ќе го носат националниот дрес.
Настанот го поддржаа легендата Николче Новески како претставник на ФФМ, градоначалникот Тони Коњановски, како и селекторот на женската А-репрезентација, Александар Андов.
„Кога ќе видите толку многу деца на терен, веднаш добивате дополнителна мотивација. Токму од вакви фестивали започнува љубовта кон фудбалот. Нашата задача е да им овозможиме патека по која тие девојчиња еден ден ќе стигнат и до националниот дрес“, истакна селекторот Андов.
Меланија Грозданова – инспирација за најмладите
Амбасадор на овој значаен проект е македонската фудбалерка Меланија Грозданова, која помина квалитетно време во дружење со девојчињата, споделувајќи го своето искуство. Посебен мотив за малите фудбалерки беше и присуството на комплетната женска А-репрезентација на Македонија, која со својот пример покажа дека соништата се остварливи.
Овој фестивал во Битола е само почеток на серијата настани кои треба да го популаризираат женскиот фудбал и да ги срушат предрасудите дека овој спорт е само за момчиња.



