Она што требаше да биде „преживување“ за десеткуваниот Реал Мадрид, се претвори во една од најславните ноќи во поновата историја на клубот. Иако без Мбапе, Белингам и Родриго, тимот на Алваро Арбелоа го прегази Манчестер Сити со 3:0, благодарение на неверојатната партија на новиот капитен – Феде Валверде.
Уругвајски ураган за 22 минути
Манчестер Сити започна офанзивно, но сè почна да се распаѓа за тимот на Гвардиола во 20-та минута. Спектаклот го отвори Куртоа со долга топка која го прелета О’Рајли, а Валверде ја прими мајсторски, го заобиколи Донарума и погоди од мртов агол за 1:0.
Само седум минути подоцна (27’), „Бернабеу“ повторно експлодираше. Феде со прецизен низок удар по земја повторно го совлада Италијанецот на голот на Сити. Точка на своето совршено полувреме и историски хет-трик стави во 42-та минута, кога по една маестрална асистенција, ја префрли топката преку Марк Геи и со волеј ја заби во мрежата за неверојатни 3:0.
Донарума го спаси Сити од целосен дебакл
Во второто полувреме, Реал Мадрид имаше златна шанса за „четворка“. Донарума го собори Винисиус во шеснаесеттникот, но потоа се искупи. Бразилецот изведе премногу лежерен пенал, што беше лесен плен за Донарума кој со одлична парада во својата лева страна го сочува својот тим во каква-таква игра за реваншот.
Сити се обиде да се врати преку младиот О’Рајли, но Тибо Куртоа со чудесна одбрана со нога покажа зошто сè уште е еден од најдобрите во светот.
Гвардиола на поправен испит
Пеп Гвардиола вечерва немаше одговор за тактиката на Арбелоа. Иако Сити ја имаше топката, Реал беше смртоносен во секој напад. Предноста од 3:0 е огромна, но промашениот пенал на Винисиус остава мал зрак надеж за „граѓаните“ пред реваншот во Манчестер.



