Иако неговиот старт на клупата на шведската репрезентација не беше импресивен, Греам Потер доби огромна доверба од тамошната федерација. Поранешниот менаџер на Челси и Брајтон потпиша нов долгорочен договор кој ќе го задржи на кормилото на „Трите круни“ до 2030 година.
Доверба пред „да се биде или не“
Овој потег доаѓа во специфичен момент, на само две недели пред клучниот полуфинален натпревар од баражот за Светското првенство против Украина. Првичниот план беше договорот на Потер автоматски да се продолжи само доколку обезбеди пласман на Мундијалот, но челниците на шведскиот фудбал решија да не чекаат и да му дадат целосна слобода за долгорочен проект.
Потер досега ја водеше Шведска на само два натпревари, каде запиша висок пораз од Швајцарија (4-1) и реми против Словенија (1-1). Сепак, неговото познавање на шведскиот менталитет (од времето во Остерсунд) и неговото меѓународно искуство беа пресудни за овој потпис.
Патот до САД, Канада и Мексико е трнлив
Шведска стигна до баражот по „спореден пат“ преку Лигата на нации, откако потфрли во квалификациската група. Сега, на 26-ти март во Валенсија, Потер и неговите избраници ќе мора да ја поминат Украина, а потоа и победникот од дуелот меѓу Полска и Албанија за да изборат виза за претстојното Светско првенство.
„Чувствувам огромна гордост, но и одговорност. Проектот е долгорочен и сакаме да создадеме континуитет кој ќе ја врати Шведска во самиот европски врв“, изјави Потер по потпишувањето.



