Она што го предложивме и аргументиравме уште во октомври преку нашиот серијал „Досие Спортска Станица“, добива своја реализација со доаѓањето на новиот селектор. Иако ФФМ сè уште ја чека официјалната објава на списокот, неговиот клуб Согдијана веќе се пофали – Љупчо Дориев се враќа во националниот тим за претстојните пресметки со Данска и Ирска!
Седлоски го виде она што беше „невидливо“
Во првата епизода од нашето „Досие“, насловена како „Го има ли селекторот ‘ѕверот’ со 24 гола на радарот?“, алармиравме дека статистиката на Дориев од 14 голови и 10 асистенции е премногу брутална за да се игнорира. Се чини дека Гоце Седлоски реши да го промени курсот и да му даде шанса на играчот кој е во својот фудбалски зенит.
Согдијана ја претрка федерацијата
Додека македонската јавност го очекува официјалниот список на Седлоски, узбекистанскиот клуб не издржа да не се пофали со својата ѕвезда:
„Нашиот напаѓач Љупчо Дориев доби повик за натпреварите против Данска и Ирска во рамките на квалификациите за СП 2026. Му посакуваме среќа во националниот дрес!“, објавија од прес-службата на Согдијана.
Зошто Дориев е вистинскиот потег?
Како што анализиравме во нашето авторско ќоше, Македонија подолго време страда од недостаток на конкретност на крилните позиции. Со пазарна вредност од 1.2 милиони евра и форма која не стивнува, Дориев е токму тој тип на „директен“ фудбалер кој му е потребен на Седлоски за пеколните гостувања во Копенхаген и се надеваме во Даблин.



