Џорџ Расел и Мерцедес продолжуваат со апсолутната доминација во 2026 година. По одличниот настап во Мелбурн, Британецот ја освои пол-позицијата за утрешната спринт трка на Гран-при на Кина, комплетирајќи совршен петок во кој беше најбрз на единствениот слободен тренинг и во сите три квалификациски сесии.
Доминација на „сребрените стрели“
Расел постави недостижно време од 1м 31.520с на меките гуми во последната сесија (SQ3), оставајќи го својот млад тимски колега Кими Антонели на второто место со заостанување од речиси три десетинки.
Сепак, славјето во гаражата на Мерцедес е под сенка на истрагата на стјуардите. Антонели е повикан на сослушување поради наводно попречување на Ландо Норис во претходниот дел од квалификациите, што би можело да му донесе казна и поместување на стартниот грид.

Норис „најдобар меѓу останатите“, Верстапен во проблеми
Актуелниот светски шампион Ландо Норис заврши како трет, но со огромно заостанување од над шест десетинки зад Расел. Помеѓу двата болида на Мекларен се вметна Луис Хамилтон во своето Ферари, кој ќе стартува од четвртата позиција, веднаш пред Оскар Пијастри и својот тимски колега Шарл Леклер, кој денес иако поставуваше брзо време, направи несвојствено многу грешки па се најде само на шесттата позиција.
Најголемото изненадување на денот е слабата форма на Ред Бул. Макс Верстапен се мачеше со темпото во текот на целата сесија и на крајот заврши дури на осмото место, веднаш зад Пјер Гасли во Алпин. Топ 10 листата ја заокружија младиот Оли Берман со Хаас и вториот возач на Ред Бул, Исак Хаџар.

Дебакл за Вилијамс и Астон Мартин
Квалификациите во Шангај беа кошмарни за неколку искусни возачи. Тандемот на Вилијамс, Карлос Саинц и Алекс Албон, шокантно испадна уште во првата рунда (SQ1). Слична судбина доживеаја и возачите на Астон Мартин, Фернандо Алонсо и Ленс Строл, кои утрешниот спринт ќе го започнат од задниот дел на караванот.
На последната стартна линија ќе се најдат возачите на Кадилак. Валтери Ботас ќе тргне од 21-та позиција, додека Серхио Перез остана без време поради технички дефект на системот за гориво, што не му дозволи ниту да излезе на патеката. Спринт трката во Шангај се вози утре во должина од 19 кругови.



