Драмата по спринт квалификациите во Шангај доби неочекуван епилог. Младиот возач на Мерцедес, Кими Антонели, нема да биде казнет и ќе стартува од второто место на утрешната спринт трка, откако стјуардите одлучија да не преземаат понатамошни мерки за инцидентот со Ландо Норис.
Пресудното признание на Норис
Иако првично изгледаше дека Антонели непотребно го попречил актуелниот шампион на влезот во првиот свиок, клучниот момент се случи за време на сослушувањето кај стјуардите. Ландо Норис чесно признал дека во моментот кога наишол на болидот на Антонели, тој не бил во „брз круг“, туку во круг за загревање во кој немал намера да постави значајно време.
Стјуардите во своето официјално соопштение појаснија дека доколку Норис навистина се обидувал да постави легитимно време, Антонели сигурно ќе беше казнет поради неговата позиција на патеката. Сепак, со оглед на изјавата на возачот на Мекларен дека не бил попречен во својата мисија, казната беше повлечена.
📻 “He blocked me… I was going to push that lap!”
— Formula 1 (@F1) March 13, 2026
Lando Norris seemingly gets held up by Kimi Antonelli at Turn 1 👀#F1Sprint #ChineseGP pic.twitter.com/hi54pW6csu
Фер-плеј пред тимските интереси
Оваа одлука е особено интересна бидејќи Мекларен би имал директна корист од евентуална казна за Антонели. Доколку Италијанецот беше поместен на стартниот грид, токму Норис ќе напредуваше во првиот стартен ред веднаш до Џорџ Расел. Сепак, британскиот возач реши да се држи до фактите, со што ги задржа и коректните односи со Мерцедес, кој е снабдувач на мотори за неговиот тим.
Со ова, Мерцедес го официјализираше „закупот“ на првиот ред за утрешниот спринт. Џорџ Расел ќе тргне од пол-позицијата, а веднаш до него ќе биде Антонели, додека Норис ќе го чека својот момент од третата стартна позиција.



