Она што се најавуваше како извесно во изминатите денови, денеска ја доби својата официјална потврда од страна на раководството на Формула 1. По деталните евалуации и поради актуелната ситуација на Блискиот Исток, донесена е конечна одлука дека трките во Бахреин и Саудиска Арабија нема да се одржат во планираните термини во април.
Април останува без Ф1 – нема да има заменски трки
Иако постоеја шпекулации за евентуални замени на европско тло, Ф1 потврди дека календарот нема да се пополнува со нови локации во овој период. Ова значи дека по трката во Јапонија на 29 март, ќе следи пауза од пет недели до следното Гран-при во Мајами на 3 мај.
Сезоната 2026 сега и официјално е скратена на 22 трки. Покрај главната категорија, откажани се и планираните рунди во Формула 2, Формула 3 и Ф1 Академијата, кои требаше да се возат на истите патеки.
Доменикали: „Тешка, но единствена правилна одлука“
Првиот човек на Формула 1, Стефано Доменикали, истакна дека иако ова е удар за календарот, безбедноста на сите инволвирани е приоритет.
„Иако ова беше тешка одлука, за жал е единствената правилна во оваа фаза со оглед на ситуацијата во регионот. Сакам да им се заблагодарам на организаторите во Бахреин и Саудиска Арабија за нивното разбирање. Едвај чекаме да се вратиме кај нив штом околностите ќе го дозволат тоа“, изјави Доменикали.
Претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем, додаде дека федерацијата секогаш ќе ги става безбедноста и добросостојбата на заедницата на прво место.
Пет недели за корекции кај тимовите
Оваа ненадејна пауза во април ќе им дојде како „подарок“ на тимовите кои се мачат со сигурноста и брзината на болидите на почетокот на сезоната. Инженерите сега ќе имаат дополнително време за работа во фабриките пред шампионатот да се пресели на американскиот континент, а потоа и во Европа.



