(Видео) Сити „заглави“ во Лондон: Вест Хем го сопре шампионот, Арсенал бега на +9!

 

Објавено:

Манчестер Сити продолжува со непредвидливите игри оваа сезона, откако денеска на гостувањето кај Вест Хем одигра само 1-1. Овој кикс на избраниците на Пеп Гвардиола значи дека сега заостануваат огромни девет бодови зад лидерот Арсенал, со што мисијата за одбрана на титулата станува исклучително тешка.

Киксот на Донарума и упорноста на „чеканите“

Сити започна подобро и во 31. минута капитенот Бернардо Силва со генијален лоб удар го изненади голманот Хермансен за водство од 1-0. Сепак, радоста на гостите траеше само четири минути. По еден корнер на Бовен, поранешниот дефанзивец на Арсенал, Константинос Мавропанос, највисоко скокна и со глава го израмни резултатот. Голем дел од вината за овој гол оди на сметка на голманот на Сити, Џанлуиџи Донарума, кој лошо ја процени топката при излетувањето.

До крајот на мечот, Сити притискаше, Ерлинг Халанд пропушти голема шанса „еден на еден“, а Рајан Черки ја погоди пречката од слободен удар, но Вест Хем херојски издржа. Со овој бод, тимот на Нуно Еспирито Санто за првпат по 100 дена излезе од зоната за испаѓање.

Извор: https://www.premierleague.com/en/

Претходно денеска се одиграа уште неколку возбудливи натпревари во Премиер лигата, каде Њукасл му зададе болен пораз на Челси на Стемфорд Бриџ, а Брајтон со бизарен гол ја продлабочи кризата на Сандерленд.

Гордон го „замолкна“ Стемфорд Бриџ

Њукасл му нанесе болен пораз на Челси среде Лондон, победувајќи со минимални 1-0. Единствениот гол на натпреварот беше дело на Ентони Гордон во 18. минута, по одличната асистенција на Џо Вилок.

Челси доминираше во поседот, креираше шанси преку Кол Палмер и Алехандро Гарначо, а во судиското продолжение Рис Џејмс ја погоди стативата од слободен удар. Сепак, „сините“ беа испратени со свирежи од своите навивачи по вториот последователен пораз дома, со што дополнително се оддалечија од позициите кои водат во Лигата на шампионите.

Бизaрен гол за триумф на Брајтон кај Сандерленд

Брајтон славеше на жешкиот терен кај Сандерленд со 1-0, благодарение на еден од најчудните голови оваа сезона. Јанкуба Минтех во 58. минута се обиде да нафрли од мртов агол, но неговиот центаршут доби необична патека и заврши директно во мрежата на изненадениот Елборг.

Сандерленд бурно протестираше бидејќи еден нивен играч лежеше повреден во текот на акцијата, но ВАР пресуди дека сè е регуларно. Со оваа победа, Брајтон го прескокна Сандерленд на табелата и сега се наоѓа на 10. позиција.

Борнмут „крал“ на ремијата, Барнли се бори за надеж

Борнмут и Барнли одиграа без голови (0-0) на „Турф Мур“, натпревар кој најмногу им штети на амбициите на двата тима. За „црешите“ ова беше четврто последователно реми во Премиер лигата, со што загубија чекор во борбата за Европа. Барнли, пак, иако освои бод, сè уште е на далечни осум бодови од сигурната зона и неговата ситуација станува сè поалармантна.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено