Денеска со почеток во 14:30 часот, Градскиот стадион во Куманово ќе биде домаќин на еден од најинтересните натпревари во 23-то коло од Првата македонска фудбалска лига. Башкими го пречекува Работнички во дуел каде бодовите се подеднакво важни за двата табори, но од сосема различни причини.
Манојлов: „Време е за победи во серија“
Поранешниот шампион Работнички се наоѓа во незавидна позиција и секој натпревар до крајот на сезоната за нив е како финале. Младинскиот репрезентативец Никола Манојлов, кој е во одлична форма со голови на последните два меча против Шкупи и Арсими, верува дека тимот од Дебар Маало има сили за опстанок.
„Почнува третиот круг и за нас секој бод е екстремно важен. Ни требаат победи во серија за да излеземе од опасната зона. Максимално сме фокусирани на трите бода во Куманово“, порача Манојлов.
Аворнио и Башкими бркаат трета радост по ред
Домаќинот Башкими влегува во овој дуел со голема самодоверба. По лошиот старт на пролетниот дел, кумановци се консолидираа и врзаа две победи против Шкупи и Македонија ЃП. Напаѓачот Емануел Аворнио нагласува дека притисокот е кај гостите, но обврска на неговиот тим е да слави пред домашната публика.
„Наша обврска е да го дадеме максимумот пред нашите навивачи. Очекувам брз фудбал со многу голови и на крајот ние да се радуваме на победата“, изјави Аворнио.

Иако низ историјата Работнички е поуспешен во меѓусебните дуели (10 победи наспроти 6 на Башкими), последните три пресметки завршија во полза на тимот од Куманово. Дали „романтичарите“ ќе ја прекинат оваа негативна низа или Башкими ќе го продолжи својот пролетен подем, останува да видиме попладнево.



