Кога данскиот селектор Брајан Ример го објави списокот за претстојниот бараж натпревар против Македонија (26 март), отсуството на искусниот голман Каспер Шмајхел веднаш беше забележано. Сега е позната и сериозната спортска и здравствена причина за тоа.
Голманот на Селтик и еден од најискусните лидери на Данска, кој неодамна ја носеше и капитенската лента во квалификациите, потврди дека се соочува со тешка повреда на рамото која бара оперативен зафат, поради што постои реална можност тој предвреме да ја заврши својата богата кариера. Ова е значаен удар за данската репрезентација во пресрет на клучната битка за Мундијалот против нашата селекција на стадионот „Паркен“.
Две операции и долга рехабилитација
Триесет и деветгодишниот чувар на мрежата ја потврди веста за време на гостувањето во студиото на „CBS Sports“ по натпреварот Манчестер Сити – Реал Мадрид, каде стручни коментатори се неговиот татко, Петер Шмајхел, и поранешниот соиграч Мика Ричардс.
„Бев кај специјалист и ми кажаа дека ми требаат две операции за да го санирам рамото. Има сериозни проблеми со бицепсот и ротаторната манжетна. За еден голман, ова е како играч од средниот ред да ги скине и предните вкрстени лигаменти и Ахиловата тетива во исто време“, објасни Шмајхел.
Тој додаде дека го чека рехабилитација од најмалку 10 до 12 месеци. „Постои можност веќе да сум го одиграл мојот последен фудбалски натпревар. Јас сум во фудбалот цел мој живот и тешко е да се прифати помислата дека можеби нема да можам повторно да играм. Вчера ми соопштија дека ова може да значи крај на кариерата, но ќе се борам и ќе ја поминам рехабилитацијата“.
“I could’ve potentially played my last football game.”
— CBS Sports Golazo ⚽️ (@CBSSportsGolazo) March 17, 2026
Our guest reporter Kasper Schmeichel reveals that he has dislocated his shoulder, and torn his bicep, rotator cuff and labrum.
The Dane opens up about requiring two surgeries that will keep him out for 10 to 12 months. pic.twitter.com/75fskUSAd2
Проблем кој влече корени од минатата година
Проблемите на Шмајхел не се нови. Тој за данската телевизија „ТВ2“ објасни дека состојбата се искомплицирала по натпреварот против Португалија пред една година, кога останал на теренот со повредено рамо бидејќи Данска ги искористила сите замени.
„Останав на теренот и продолжив да играм, но тоа остави последици со кои беше тешко да се живее и игра. Во последните неколку месеци состојбата драстично се влоши“, признава Шмајхел, кој нема настап за Селтик од 22 февруари и чиј договор со шкотскиот клуб истекува ова лето.
Што значи ова за дуелот со Македонија?
За Данска, отсуството на играч со 120 репрезентативни настапи и лидер во соблекувалната е сериозен минус пред баражот. Без неговото искуство меѓу стативите, домашната селекција ќе мора да се потпре на помладите чувари на мрежата токму во најважниот натпревар годинава. Во меѓувреме, фудбалската јавност му посакува успешно закрепнување на човекот кој испиша историја освојувајќи ја Премиер лигата со Лестер во 2016 година.



