Собослаи: „Никогаш не сум играл во четвртфинале од ЛШ, сега можеме да победиме секого!“

 

Објавено:

Доминик Собослаи беше еден од главните мотори во неверојатниот пресврт на Ливерпул против Галатасарај (4-0) на „Енфилд“. Унгарецот го отвори резултатот во првото полувреме со извонреден гол, по што следеше блескаво второ полувреме и пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, каде „црвените“ ги чека мега-пресметка со ПСЖ.

По натпреварот, носителот на култната „осумка“ и прогласен за играч на натпреварот, даде искрено интервју за „ТНТ Спортс“ во кое зборуваше за реакцијата на тимот по свирежите викендов, споредбите со Стивен Џерард и претстојниот дуел со францускиот шампион.

„Ако сме среќни со себе, ќе бидат и навивачите“

На прашањето колку им била потребна ваква победа по ремито со Тотенхем, Собослаи беше дециден и истакна дека тимот конечно ја покажал вистинската насока во која сака да се движи.

„Мислам дека денес покажавме каде сакаме да одиме и што сакаме да им покажеме на сите, особено едни на други, бидејќи сè започнува од нас. Знам дека навивачите може да бидат незадоволни од нас, но ако ние сме незадоволни од самите себе, тоа е проблем. Ако сме среќни со себе, веројатно сите ќе бидат среќни со нас. Ова е многу добар чекор напред, прво четвртфинале во мојот живот и за многумина од нас“, изјави играчот за врска.

Што се однесува до неговиот гол, кој го постигна со левата нога наместо со неговата посилна десна поради брзиот притисок од одбраната, Унгарецот низ насмевка додаде: „Не ми е грижа кога и како постигнувам голови, само сакам да му помогнам на тимот да успее. Морав брзо да реагирам, но ете, изгледа дека немам само десна нога!“

Извор: https://x.com/LFC

Инспирација од Џерард и предизвикот наречен ПСЖ

Оваа сезона Собослаи презема многу поголема одговорност во играта на Ливерпул, што многумина почнаа да го споредуваат со легендарниот Стивен Џерард.

„Тоа е навистина убав комплимент за мене. Кога бев дете го гледав како игра, а сега ја носам неговата ‘осумка’, така што тоа е неверојатно чувство и инспирација за сите нас. Тој е клупска легенда, нема што повеќе да се каже. Јас сум само среќен што играм за овој клуб“, скромно истакна Собослаи.

Сега фокусот на Ливерпул се префрла кон ПСЖ. Собослаи признава дека Французите се исклучително тежок противник, но по изданието против Галатасарај, самодовербата на „Енфилд“ е на највисоко ниво.

„Гледајќи ги како играат против Челси, јасно е дека тие не станале полош тим од минатата сезона. Навистина се добра екипа, но мислам дека денес покажавме дека сме способни да направиме сè. Сепак, пред тоа, истата оваа енергија мора да ја пренесеме и на саботниот натпревар против Брајтон“, заклучи херојот на Ливерпул.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено