По стапките на Ветерските војводи: Пролетна тура што ја отвора вратата кон македонската историја

 

Објавено:

Гостинска статија на Трајче Галевски

Кога патеката не води само низ ридови, туку и низ сопствените корени

Во време кога сите брзаме, ретки се миговите кога човек може да застане, да вдише чист воздух и да почувствува дека земјата под нозете зборува. Но, има предели во Македонија каде историјата не е само сведоштво, туку живо присуство. Еден од тие предели е Ветерско и целата Таорска Клисура – место каде природата, манастирите и комитската борба дишат како едно.

Настанот „Поход по стапките на Ветерските војводи“, кој годинава го доживува своето трето издание, не е само дводневна планинарска тура. Тоа е вистинско враќање дома, чекорење по патеките каде некогаш минувале четите и поврзување со корените што нè обликуваат како поколение и како народ.

Copyright: Трајче Галевски

Како се роди идејата за турата?

Идејата за оваа тура не беше случајна инспирација, туку се роди од љубов, од разговори, од пријателства што носат тежина и од луѓе кои оставија трага. Првата искра дојде од мојот покоен побратим Слободан Трајковски – Касандар, човек кој секогаш ме туркаше да направам повеќе за Македонија, да истражувам и да не заборавам од каде сум и што носам. Со него првпат зборувавме дека Ветерско, со својата историја и убавини, заслужува ваква тура.

Потоа, идејата ја издигнавме заедно со моите побратими Марио Шаревски и Дарко Стојчески, кои ме мотивираа таа мисла да ја преточам во реален проект – во патека, настан и доживување. Тие беа моето „ајде, време е“. Секако, кога идејата веќе беше родена, огромна улога во нејзината реализација имаше мојот планинарски клуб H2O. Тие ми помогнаа во целиот организациски дел, вклучувајќи ја логистиката, координацијата, безбедноста и сите технички детали што стојат зад една сериозна и квалитетна тура. Затоа, оваа турa не е само моја – таа е наша.

Патека што ги спојува природата и историјата

Турата започнува од селото Кожле, на самиот влез на Таорската Клисура, следејќи ја патеката што со векови ја преминувале патници, свештеници, комити и војводи. Денес, истите оние патишта водат покрај висечки мостови, селски чешми, зелени ридови и манастири кои стоеле како тивки стражари над народот. Од вливот на Пчиња во Вардар, погледот се отвора широко, а манастирот Свети Илија е првата значајна точка каде тишината носи тежина и каде погледот ја објаснува историјата без зборови.

Патеката потоа продолжува кон Карабуниште, Габер и С’лп, предели што низ историјата биле сигурни засолништа на македонските чети. По пристигнувањето во Ветерско, учесниците се пречекуваат со традиционален посен грав кај манастирот „Св. Талалеј“, по што следи дружба покрај логорски оган, под истото ѕвездено небо под кое некогаш спиеле македонските војводи.

Copyright: Трајче Галевски

Св. Јован Ветерски – жив спомен на 1906 година

Вториот ден го носи најсилниот и најемотивниот момент од турата – посетата на манастирот Св. Јован Ветерски. Токму овде, во април 1906 година, четите на Боби Стојчев и Панчо Константинов биле опколени од аскерот. Цел ден манастирските ѕидови одекнувале од пукотници, а храброста на борците засекогаш се вплела во каменот.

Искористувајќи ги дождот и маглата, тие успеале да се измолкнат, создавајќи легенда што и денес го држи манастирот во тишина полна со значење. Кога ќе зачекорите таму, вие не го слушате минатото преку приказни, туку го чувствувате директно преку воздухот.

Copyright: Трајче Галевски

Повеќе од проект – емоција и благодарност

Оваа тура е создадена затоа што веруваме дека Македонија треба да ја запознаваме со чекор, а не само преку фотографии. Треба да ги оживееме местата што ги чуваме во нас, селата од кои потекнуваме и патеките каде нашите предци оставиле неизбришливи траги.

Љубовта кон сопствената земја е најсилна токму тогаш кога физички ќе ја изодиме. Ова не е само планинарска тура, туку патување низ историјата, низ корените и низ благодарноста кон луѓето што нè инспирирале. Ветерско не е само точка на картата – тоа е чувство, а оваа тура е најдобриот начин тоа да се почувствува со срце, со чекор и со огромна почит.

Практични информации за турата

Датум: 18 – 19 април 2026 година
Полазна точка: село Кожле (07:00 часот)
Вкупна должина: 27 километри
Вкупно искачување: 913 висински метри
Тежина на патеката: Средна
Потребна опрема: Планинарски чевли, челна ламба, планинарски стапчиња, соодветна слоевита облека
Ноќевање: Кампинг (потребна е сопствена опрема за спиење)
Пријавување: Најдоцна до 14 април 2026 година
Контакт за пријавување: 075 770 375 (Трајче)


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено