Македонската фудбалска репрезентација доживеа тотален крах во второто полувреме на „Паркен“, губејќи со убедливи 4-0 од селекцијата на Данска. Со овој пораз, сонот за историски пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико згасна на суров начин, оставајќи зад себе многу горчина и прашања за одлуката да се донесе нов селектор пред вака важен натпревар, со оглед дека ова е репрезентација која повеќе од една деценија беше градена од Боби Милевски.
Што браневме на 0:0?
Во првото полувреме успеавме да се одбраниме, но можеби вистинското прашање е – што всушност браневме на 0:0? Ако си дошол да се бориш за место на Светско првенство, несфатливо е како се поставува формација за „преживување“ уште на непочнат натпревар. Елиф Елмас, кој се наоѓа во страшна форма, цел меч беше ставен во дефанзивна функција, како задачата да му беше да го брани водството на Македонија, а не да креира шанси.
Тешко е да се пишува по пораз од 4-0, особено против Данска која реално не беше на врвно ниво, но на моменти направивме да изгледаат како Бразил. Ова е навистина поразително деби во баражот за Седлоски.
Потоп за само десет минути
Данците се вратија од паузата со решителност да ја пробијат нашата „одбрамбена“ игра и истото им успеа, па во 10 минути со 3 гола успеаја сосема да го скршат нашиот „систем“. Веќе во 46. минута, Хојлунд го пронајде Исаксен кој изби сам пред Димитриевски. Херера со пожртвуван лизгачки старт за момент спаси, но топката за несреќа стигна до Дамсгард, кој ја погоди небранетата мрежа за 1-0.
Наместо реакција, Македонија доживеа целосен распад на системот. Во 58. минута, по центаршутот на Дамсгард, нашата „поспана“ одбрана го остави Исаксен на втора статива, кој без проблеми зголеми на 2-0. Само што тргнавме од центарот, веќе беше 3-0. Повторно Исаксен ја искористи одбиената топка по интервенцијата на Димитриевски и го реши прашањето на победникот.
Козметички обиди и финална казна
Седлоски се обиде да ја освежи играта со влегувањето на Алими, Миовски и Дориев, но штетата веќе беше направена. Единствените посериозни закани беа обидите на Барди од далечина, но ударите или завршуваа покрај голот или беа лесен плен за Хермансен.
Точка на црната вечер во Копенхаген стави Норгард во 75. минута. По корнер изведен од ветеранот Ериксен, Димитриевски остана неодлучен при истрчувањето, а Норгард од непосредна близина со глава ги постави конечните 4-0.
Македонија си оди дома со наведнати глави. „Катаначото“ на Седлоски и оние кои решија да застанат зад неговиот избор, не само што не нè спаси, туку ја „задуши“ креативноста на овој тим и ни приреди болен крај на една мундијалска надеж. Креативност на тим, кој и при големи порази како оној од Велс, успеваше да креира прилики и да личи на модерна фудбалска репрезентација пред противничкиот гол и да нè направи горди дури и во пораз.
Што се однесува до фудбалерите: Момци, фала ви што два пати ни дадовте можност да сонуваме за Светско, фала ви што нè натеравте да веруваме дека можеме. Знаеме дека сега вам можеби и ќе ви биде најтешко, но се гледаме со вас и за вас повторно на трибините. Се надеваме дека ова не е крај на убавите моменти и дека повторно ќе најдеме начин да сонуваме за големи нешта.



