Само неколку дена по болниот пораз од Данска и крајот на мундијалскиот сон, македонската фудбалска репрезентација се соочува со вистинска турбуленција пред пријателскиот натпревар против Република Ирска во Даблин. Новиот селектор Гоце Седлоски очигледно ја губи контролата во соблекувалната уште на самиот почеток од својот мандат, бидејќи се соочува со отворен револт и откажувања од клучни фудбалери.
Она што се шпекулираше по мечот во Копенхаген, денес доби официјална потврда: Бојан Миовски и Александар Трајковски поради незадоволство предвреме ја напуштија репрезентативната база!
Миовски и Трајковски си заминаа, Седлоски се правда
Официјалното објаснување за заминувањето на нашиот најдобар напаѓач, Бојан Миовски, е дека шкотскиот Глазгов Ренџерс побарал тој да биде ослободен од обврските. Сепак, како што информираат од ФФМ, тоа е направено со „согласност на самиот фудбалер“, што јасно сугерира дека Миовски немал преголема желба да остане откако не доби шанса во стартниот состав против Данска во најважниот меч.
Слична е приказната и со Александар Трајковски, кој го чекаше својот 99-ти настап во националниот дрес, но остана закован на клупата. Бурата започна уште веднаш по дебаклот во Данска, кога неговата сопруга Александра преку социјалните мрежи упати остри критики, нарекувајќи го потегот „нечовечки и неправеден кон личност која остави толку многу за македонскиот спорт“. За потсетување, Седлоски е еден од само двајцата играчи (покрај Пандев) со над 100 настапи, па многумина овде прочитаа „помеѓу редови“ обид да се спречи Трајковски да влезе во тој елитен клуб.

Селекторот Седлоски се обиде да ја смири ситуацијата, но неговата изјава само го потврди раздорот:
„Трајковски не беше задоволен што не започна, но физички не е на нивото за ваков натпревар. Планиравме да добие шанса во завршницата ако има потреба, но текот на мечот не го наложи тоа. Слично беше и со Миовски. Имаме 23 фудбалери и никој нема загарантирано место. Нема причина некој да се чувствува навреден.“

Барди и Алими покажаа лојалност, Атанасов повреден
Додека едни заминуваат, други демонстрираат вистински патриотизам. Клубовите на капитенот Енис Барди (Коњаспор) и Исник Алими (Далиан) официјално побараа нивните играчи да бидат ослободени од пријателскиот меч во Даблин. Сепак, двајцата фудбалери категорично го одбиле барањето на своите работодавци и решиле да останат со националниот тим!
Дополнителен проблем за стручниот штаб е повредата на Јани Атанасов (адуктор), кој по направената магнетна резонанца дефинитивно отпаѓа за гостувањето во Ирска на 31 март.
Нашиот став: Репрезентацијата е над сите!
Ние во „Спортска Станица“ не сакаме да заземаме страна во оваа битка на ега. Дали Седлоски е дораснат за оваа функција е прашање за кое допрва ќе се дебатира (иако многумина веќе го имаат одговорот). Дали фудбалерите треба да реагираат на ваков начин кога го носат државниот грб е исто така дискутабилно.
Но, едно е кристално јасно: Светиот дрес не смее да биде заложник на ничии лични суети – ниту на селекторот, ниту на ѕвездите на тимот. Фудбалот и репрезентацијата мора да бидат над секој поединец!



