Она што до пред некое време беа само гласини, денес доби официјална потврда од устата на самиот шампион. Макс Верстапен во Сузука за првпат јавно призна дека неговата иднина во Формула 1 е под голем знак прашалник, а причината не е само слабата форма на Ред Бул, туку неговото длабоко незадоволство од новите правила кои стапија на сила оваа 2026 година.
По шокантната елиминација во втората квалификациска сесија (Q2) во Јапонија, четирикратниот светски првак беше невообичаено отворен пред медиумите, изјавувајќи дека му преостануваат „многу работи за решавање околу неговиот живот и кариерата“.
„Повеќе не сум ни фрустриран, ова е нешто полошо“
Верстапен, кој е најголемиот критичар на новите хибридни мотори (каде соодносот меѓу електричната и внатрешната моќ е 50/50), смета дека денешните болиди го убиле уживањето во возењето. Наместо да ги напаѓаат свиоците, возачите сега се фокусирани на „менаџирање“ со батеријата и енергијата.
„Повеќе не сум ни фрустриран. Ја поминав таа фаза. Немам зборови со кои би го опишал ова. Веќе не се ни вознемирувам, ниту се разочарувам од она што се случува на патеката“, изјави депримираниот Макс.
Дали 2026 ќе биде неговата последна сезона?
Иако неговиот договор со Ред Бул трае до 2028 година, сè погласни се шпекулациите дека Верстапен би можел да ја активира излезната клаузула веќе на крајот од оваа сезона. Холанѓанецот, кој минатата година стана татко, призна дека патувањата и предолгиот календар му тежат, а среќата ја наоѓа во активности надвор од Ф1, како неговиот сопствен тин во сим-рејсинг и подготовките за трката 24 часа Нирбургринг.
Верстапен беше дециден: неговата одлука не зависи од тоа дали Ред Бул ќе го поправи болидот во следните месеци (каде тимот во моментов се мачи меѓу 7-то и 12-то место), туку од тоа дали Ф1 ќе направи драстични промени во правилата за 2027 година.
„Се надевам дека промените за следната година ќе бидат доволно големи за возењето повторно да биде забавно. Ова што го имаме сега, овие мали корекции, не прават никаква разлика“, додаде Верстапен.
Доколку Ф1 го загуби својот најдобар возач во неговите најдобри години (28), тоа ќе биде најголемиот удар за спортот во модерната ера. Сузука, патеката која Макс ја обожава, овојпат му послужи како сцена за најава на можеби најголемиот пресврт на пазарот на возачи.



