Го започнуваме новиот серијал на Спортска Станица, каде што ќе ги претставиме сите 16 храмови на фудбалот кои ќе го гостат Мундијалот во 2026 година. Започнуваме од Градот на ангелите и неговото архитектонско чудо.
Футуристичкиот храм од 5 милијарди долари
Во Лос Анџелес, големите сцени се дел од секојдневието. Ова е градот на ѕвездите, каде најголемите светски приказни се одвиваат под знакот на Холивуд и долж патеката на славните. Но, додека Лејкерси и Доџерси со децении го градеа спортскиот идентитет на овој град, фудбалот во Америка полека но сигурно си напиша своја сопствена историја.
Од Олимписките игри во 1984 година, па сè до култниот „Роуз Боул“ и финалето на СП во 1994 година меѓу Бразил и Италија, ЛА отсекогаш бил центарот на фудбалската еволуција во Америка. Денес, со екипи како ЛА Галaкси и ЛАФЦ, страста е на врвот, а за Светското првенство во 2026 година, вниманието се насочува кон SoFi стадионот во Инглвуд – футуристичко ремек-дело кое ги поместува границите на инженерството.

Како ќе се вика и кој е сопственикот?
Стадионот е познат како „SoFi Stadium“, но според строгите правила на ФИФА кои забрануваат комерцијални имиња за време на турнирот, тој официјално ќе биде ребрендиран во „Los Angeles Stadium“.
Ова здание стана најскапиот спортски објект во светот, со вкупен трошок од неверојатни 5 милијарди долари. Проектот беше примарно финансиран од сопственикот на рагби клубот ЛА Ремс, Стен Кронке (добро познат на навивачите на Арсенал), а стадионот го делат двата НФЛ тима – Ремс и Чарџерс.
Архитектонско чудо: Покрив кој „дише“ и терен кој „расте“
Еден од најголемите предизвици за овој стадион е преминот од вештачка трева на природна, што е услов за ФИФА натпреварувања. За да се одржи квалитетот на природната трева под огромната настрешница која блокира 65% од сончевата светлина, стадионот користи специјални системи за вештачко осветлување кои го стимулираат растот 18 часа дневно меѓу натпреварите.
Покривот е посебна приказна – транспарентна настрешница од еден милион квадратни метри која нуди заштита од сонцето, но истовремено е дизајнирана да овозможи слободен проток на воздух, што е клучно за топлите денови во Јужна Калифорнија.
Искуство за навивачите: „Infinity Screen“
Гледањето натпревар тука е визуелен спектакл. Над теренот виси огромниот „Infinity Screen“ – овален екран со површина од 6.500 квадратни метри, суспендиран на висина од 37 метри. Тоа е најголемиот екран од овој тип во светот, овозможувајќи му на секој навивач, без разлика каде седи, да се чувствува како да е во самиот центар на акцијата.
Стадионот има капацитет од околу 70.000 седишта за Мундијалот, но истиот може да се прошири до неверојатни 100.000 за специјални настани.
Логистика и клима
Лос Анџелес во јуни и јули е сончев и сув, со температури околу 27°C. Сепак, навивачите треба да бидат подготвени за „June Gloom“ – специфичен крајбрежен облачен систем кој може да донесе малку посвежи утра.
Што се однесува до превозот, ЛА сообраќајот е легендарен (во негативна смисла). Навивачите се советуваат да го користат ЛА Метрото, а оние кои сакаат прошетка, стадионот е опкружен со вештачко езеро од шест хектари, што нуди неверојатен амбиент пред натпреварите.
Распоред на натпревари во ЛА:
Лос Анџелес ќе биде домаќин на осум натпревари, вклучувајќи го и стартот на кампањата на САД:
- 12 јуни: САД против Парагвај (Група Д)
- 15 јуни: Иран против Нов Зеланд (Група Г)
- 18 јуни: Швајцарија против Босна и Херцеговина/Италија/С. Ирска/Велс
- 21 јуни: Белгија против Иран (Група Г)
- 25 јуни: САД против (квалификант)
- 28 јуни: Шеснаесетфинале
- 2 јули: Шеснаесетфинале
- 10 јули: Четврт-финале



