Ах, таа модерна фудбалска генерација… Да ја имавме ние барем половина од самодовербата на бразилските таленти денес, веројатно сите ќе бевме милионери до сега.
Во нашата денешна епизода на „Изјави кои ќе ве насмеат до солзи“, главен лик е Жоао Педро од Челси. Младиот фудбалер даде интервју за ESPN Brasil кое за рекордно време стана апсолутен хит на социјалните мрежи. Причината? Момчето сосема ладнокрвно се стави во иста реченица со „Вонземјанинот“ Роналдо, магичниот Роналдињо и неповторливиот Ромарио!
„Во минатото ги имавме Роналдо, Роналдињо, Ромарио, но ако погледнете денес, Бразил сè уште има такви играчи. Вини во Реал Мадрид, Рафиња во Барселона, јас и Естевао во Челси,“ изјави Педро без воопшто да му трепне око.
Добро, мора да признаеме дека Винисиус Жуниор и Рафиња играат страшен фудбал и се носители на играта во шпанските гиганти. Но, тоа лежерно и самобендисано уфрлување на „ЈАС“ во муабетот ги натера фудбалските фанови да плачат од смеа.
Реакциите под објавата се вистински рудник за комедија, главно сведени на: „Кој е овој човек?“, „Јас??? 😭😭😭“ и бескрајно море од насмеани емотикони.
Симпатично е да се има високи цели и верба во себе, ја цениме таа дрскост. Ама Жоао, брат… можеби прво треба да освоиш нешто повеќе или барем да го извлечеш Челси од вечната борба за средината на табелата пред да се споредуваш со „О Феномено“. Само идеја! 😅🇧🇷



